
Грција ќе се соочи со казна од 392 милиони евра од страна на Европската комисија поради сериозни неправилности и недоволна контрола при управувањето со европските земјоделски субвенции во периодот од 2016 до 2023 година, пренесува весникот Катимерини.
Скандалот изби откако Европското јавно обвинителство (EPPO) отвори истрага против околу 100 лица осомничени за поднесување лажни изјави за поседување пасишта и земјоделски активности што всушност не ги извршувале, со цел да добијат незаконски субвенции.
Најголем дел од казната се однесува на системски пропусти и недоволен надзор од страна на Организацијата за исплата и контрола на европските субвенции (ОПЕКЕПЕ) – институција која беше укината во мај, откако беше инволвирана во корупциски скандал. Комисијата оценува дека Грција го прекршила европското законодавство поврзано со финансирањето на Заедничката земјоделска политика, и дека не функционирал системот за управување и контрола на исплатите.
Со т.н. „хоризонтална корекција“, Европската комисија одлучи да ги намали идните субвенции за Грција за 5%, а дополнително изрече казна од 10% на исплатите за поддршка на млади фармери во 2018, 2019 и 2020 година. Најголемите санкции се однесуваат на субвенциите за обработливо земјиште во 2021 и 2022 година – соодветно 79 и 76 милиони евра.
Според Катимерини, казната најверојатно ќе биде покриена од државниот буџет, бидејќи кратење на субвенциите директно за земјоделците се смета за политички неприфатливо. Инаку, Грција годинава очекуваше околу 1,9 милијарди евра европски субвенции, но поради санкциите, износот ќе се намали речиси за 400 милиони евра.
Инсајдери од земјоделскиот сектор предупредуваат дека ова е само почеток и дека наскоро би можеле да следуваат дополнителни санкции. Во март оваа година, Судот на Европската Унија ја отфрли жалбата на Атина против претходната одлука на ЕК и ја задолжи да ги покрие и судските трошоци.
Истрагата кулминираше на 19 мај, кога обвинители од Европското обвинителство, придружувани од дваесетина припадници на грчката антикорупциска полиција, се обидоа да извршат претрес во седиштето на ОПЕКЕПЕ, но се соочиле со сериозни опструкции од страна на вработените. По настанот, грчката Влада го разреши претседателот на агенцијата, а нејзините ингеренции ги пренесе на Независната агенција за јавни приходи.
Utro