June 6, 2025

Неуспешен и 26. обид за конституирање на косовскиот Парламент

Денес 26. пат е прекината седницата за конституирање на косовскиот Парламент без да се избере претседател на Собранието.

Конститутивната седница на косовското Собрание започна во 11:20 часот, а претседавачот на седницата, Авни Дехари, ги замоли пратениците да седнат на своите места за да се утврди бројот на присутни.

Откако беше утврдено дека има доволен број пратеници во салата, Дехари нагласи дека има кворум за одржување на седницата.

Дехари потсети дека на претходните седници немало кворум за да се изгласа комисија што би го водела тајното гласање бидејќи претставниците на Демократска партија на Косово (ДПК), Демократски сојуз на Косово (ДСК), Алијанса за иднината на Косово (АИК) – Социјалдемократска иницијатива (НИСМА) и Српска листа не предложиле членови за комисијата.

Тој ги повика претставниците на овие партии да го сторат тоа денес.

Откако ДПК, ДСК, АИК-НИСМА и Српска листа ниту денес не предложија свои членови на комисијата за тајно гласање, Дехари повика на гласање за комисијата за тајно гласање и членовите предложени од другите партии.

На гласањето 53 пратеници гласаа „за“, еден беше против, а немаше воздржани. Поради немање доволно гласови за кворум, седницата беше прекината и денес.

Следната седница е закажана за петок во 11 часот.

Конститутивната седница на косовскиот Парламент започна на 15 април, но мандатите на пратениците им беа потврдени дури по четири дена.

По сите неуспешни обиди за јавен избор, Движењето Самоопределување предложи тајно гласање, но ниту овој предлог не доби поддршка од мнозинството пратеници.

Втората по големина партија, Демократска партија на Косово (ПДК), претходно побара Движењето Самоопределување да го смени својот кандидат за претседател на косовското Собрание за да го поддржат изборот за претседател на Парламентот, но од неговите досегашни изјави за медиумите, вршителот на должноста премиер и лидер на Движењето Самоопределување, Албин Курти, вели дека нема збор за промена на кандидатката Албулена Хаџиу, обвинувајќи ја опозицијата за блокирање на конституирањето на Собранието.

Од 19 април се водат обиди за избор на претседател на Парламентот, но кандидатката на Движењето Самоопределување, Албуљена Хаџиу засега не успева да освои 61 глас, потребен минимум гласови за да биде избрана.

Пратениците мора да изберат претседател и пет потпретседатели за конечно да го конституираат новото Собрание. Само откако ќе се конституира Собранието, може да се формира нова влада.

Read Previous

УЈП ја зајакна соработка со турските даночни власти, потпишани два меморандуми

Read Next

Одложено гласањето за извештајот за Македонија во Европскиот парламент