June 6, 2025

УЈП ја зајакна соработка со турските даночни власти, потпишани два меморандуми

Во периодот од 2-3 јуни 2025 година, делегација од Управата за јавни приходи, предводена од директорката м-р Елена Петрова, оствари работна посета во Република Турција со цел продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на оданочувањето и надворешната контрола.

За време на посетата беа одржани средби со претставници на Турската даночна администрација и Турскиот одбор за даночна инспекција при Министерството за финансии и трезор на Република Турција. Во рамки на средбите заеднички се работеше на усогласување на содржината на два меморандума за разбирање, кои на крајот од посетата беа и формално потпишани.

Првиот Меморандум за разбирање го потпишаа директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, и директорот на Турската даночна администрација, г. Бекир Бајракдар. Со него се утврдуваат области за блиска и ефикасна соработка со размена на искуства и добри практики поврзани со дигитални алатки, системи за оданочување, услуги за даночни обврзници и законски и регулаторни рамки.

Вториот Меморандум за разбирање, потпишан од директорката Петрова и директорот на Турскиот одбор за даночна инспекција, г. Мухсин Атчи, е со посебен фокус на заемно претставување и разбирање на системите и дигиталните алатки што ги користат институциите, размена на искуства, добри практики и активности за унапредување на системите за анализа на ризик, даночната контрола и мерки за откривање, спречување и сузбивање на даночната евазија и сивата економија.

„Со потпишување на овие два меморандума за разбирање се постави темел за идни, уште поинтензивни активности и размена на знаење меѓу даночните администрации на двете земји. Проширувањето на оваа соработка претставува значаен чекор во унапредувањето на билатералните односи и остварување на заеднички цели. Преку заеднички пристап кон прекуграничните предизвици и размена на експертиза, двете страни ја нагласуваат својата посветеност кон ефикасно и современо даночно управување“, се вели во соопштението на УЈП.

Skopjeinfo

Read Previous

Полициите од Скопје и Сараево одлучни да ја продолжат соработката

Read Next

Неуспешен и 26. обид за конституирање на косовскиот Парламент