
Официјалните разговори меѓу претставниците на Република Србија и на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд започнаа претпладнево со пленарен состанок во Народната банка на Србија.
Српската делегација ја предводи гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ и во неа се и првиот вицепремиер и министер за финансии Синиша Мали како и вицепремиерката и министерка за економија Адријана Месаровиќ, соопшти Централната банка на Србија.
Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, предводена од Анет Кјбе, новиот шеф на мисијата за Србија, ќе биде во Белград од денеска до 11 јуни.
Во разговорите се разгледува спроведувањето на економската програма поддржана од Инструментот за координација на политиките, кој ММФ го одобри за Србија на 9 декември 2024 година, како и по повод редовните консултации согласно член IV од Статутот на Меѓународниот монетарен фонд.
Целите на програмата се, како што е најавено, зачувување на макроекономската и финансиската стабилност, одржување на фискалната дисциплина и надолната траекторија на јавниот долг, понатамошно зајакнување на отпорноста на енергетскиот сектор и создавање простор за реализација на инвестициските потреби во тој сектор, како и поттикнување на инклузивен и одржлив среднорочен раст преку структурни реформи.
За време на мисијата, детално ќе бидат разгледани актуелните макроекономски случувања и краткорочните и среднорочните проекции, реализацијата на целите на договорената економска програма, како и напредокот во спроведувањето на реформите.
Претходните консултации со Србија беа успешно завршени во 2023 година.
Инструментот за координација на политиките е советодавен по природа и не предвидува користење на финансиски средства. Одобрен е за земји кои се посветени на реформи и кои спроведуваат силна и кредибилна економска политика.
Nezavisen