May 28, 2025

Муцунски во Дејтон се обрати на Пленарната седница во рамки на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски преку социјалните мрежи сподели дека на покана од конгресменот Мајкл Тарнер, учествувал и се обратил на завршната Пленарна седница во рамки на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон, по повод 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Како што напиша на неговиот Фејсбук профил, настанот бил силен потсетник за значењето на дипломатијата во воспоставувањето на траен мир и стабилност на Балканот.

„Во своето обраќање ја истакнав важноста од зачувување на стабилноста во регионот, посочувајќи дека современите безбедносни закани бараат координиран пристап, засилен ангажман на меѓународната заедница и уште потесна соработка меѓу земјите од Западен Балкан. Европската и евроатлантската интеграција останува клучна алатка за постигнување долгорочен мир, развој и заштита од надворешни влијанија“, стои во објавата на министерот Муцунски.

Говорејќи за престојниот Самит на НАТО во Хаг, тој подвлекол дека одвраќањето не се постигнува со декларации, туку со инвестиции, решителност и кредибилни капацитети.

„Единството мора да биде функционално, не само декларативно. Нека Хаг биде самит на решителност – што ќе донесе капацитет, а не само соопштенија“, напиша Муцунски.





Skopjeinfo

Read Previous

Синоќе пукање во Тетово, нема повредени

Read Next

Владата на Косово е подготвена да разговара со Велика Британија за центри за мигранти