
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со делегацијата на Уставниот суд на Република Хрватска, предводена од претседателот на судот, Мирослав Шепаровиќ, во придружба на претседателот на македонскиот Уставен суд, Дарко Костадиновски.
Соговорниците оценија дека со оваа посета, којашто се реализира по дведецениска пауза, се обновува меѓусебната соработка што треба да продолжи, да се интензивира и продлабочи, заради размена на искуства и учење едни од други.
Како професорка по уставно право, претседателката Сиљановска-Давкова ги нотира и објасни забелешките и недостатоците на нашите уставни решенија за Уставниот суд во споредба со оние за Уставниот суд на Хрватска. Таа изрази заложба за пошироки надлежности во заштитата на човековите слободи и права, изборите и референдумот, но и преиспитување на некои од нив, како и прецизирање и заострување на условите за стекнување статус на уставен судија.
Претседателката укажа дека Уставниот суд треба да делува како четврта власт, односно медијатор меѓу трите власти.
На средбата се дискутираше и за хрватското искуство со Уставниот закон за Уставен суд, како и проблемите врзани за отсуството на законско регулирање на уставно-правните прашања кај нас.
Хрватските уставни судии искажаа подготвеност да помогнат во забрзувањето на македонскиот евроинтегративен процес, истакнувајќи ги бенефитите од членството како за членките, така и за ЕУ.
Заблагодарувајќи се за поддршката, претседателката истакна дека хрватските лекции од процесот на евроинтеграциите може да бидат драгоцени за нас.
Skopjeinfo