мај 5, 2025

Сe почести пријави за појава на змии во Скопје

Жителите на неколку скопски населби деновиве со загриженост пријавуваат појава на змии во нивните дворови и на јавни површини. Граѓаните од населбата Карпош беа особено вознемирени откако една змија беше фотографирана на тераса на стан во овој дел од градот.

Скопје, за жал, во последниве недели се претвори во вистински змијарник. На секој чекор може да се забележи неискосена трева која достигнува и до половина метар височина. Ваквите запуштени зелени површини се идеален дом за змиите и другите влекачи, кои наоѓаат совршено место за криење и размножување.

„Градот буквално личи на една голема дива ливада. Не се сеќавам кога последен пат видов косачи на трева во нашата населба”, вели жителка на Карпош 3. „Се плашиме да ги пуштиме децата да играат во парковите бидејќи никогаш не знаеме што може да се крие во високата трева.”

Многу скопјани изразуваат револт поради неодржувањето на зелените површини во градот. Тие истакнуваат дека плаќаат комунални давачки, но не добиваат соодветни услуги за возврат.

„Како да живееме во напуштен град. Секаде е неискосено, неуредно, а сега и змии ни се појавуваат на терасите. Градскиот змијарник наместо метропола”, со огорченост коментира жител од населбата Аеродром.

Стручњаците предупредуваат дека високата и густа трева во урбаните средини не само што е проблем од естетска природа, туку и сериозен безбедносен ризик поради привлекувањето на разни видови влекачи и инсекти.





Skopjeinfo

Read Previous

Казни за месарници низ Македонија, уништени 323 килограми небезбедна храна