
Денес, на 46-тата собраниска седница, на која се расправаше за интерпелацијата за министерот Панче Тошковски, од собраниската говорница се обрати и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Побарав процедурално бидејќи сакав накусо да се обратам до сите пратеници, но и до целата македонска јавност. Нема да ги дозволиме политичките профитери од опозицијата да ја злоупотребат, вулгализираат и да ја пренесат на улица трагедијата од Кочани и да си поигруваат со тажната судбина на овие луѓе“, изјави Мицевски.
Тој истакна и дека единственото решение е институционално и брзо решавање на случајот и ја информира јавноста дека денес министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе ги прими семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани.
„Единственото решение е институционално и брзо решавање на овој случај. За тоа работиме, за тоа се залагаме. Сè друго е политичко некрофилство. Имено, ја информирам јавноста и вас пратениците дека министерот за внатрешни Панче Тошковски во 14.30 часот во Министерството ќе ги прими и ќе оствари средба со семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани. Од овие причини барам 1 час пауза. А потоа ќе продолжиме со работа по интерпелацијата за која очигледно не ви е гајле бидејќи тој што ја поднесе прв замина и не е присутен на оваа пленарна седница“, прецизира Мицевски.
Skopjeinfo