април 29, 2025

Електричната енергија во Шпанија и Португалија речиси целосно обновена по големиот прекин

Прекинот на струја се случи околу пладне вчера и ги зафати Португалија, Шпанија и Андора, како и делови од Франција. Причините за настанот сè уште се истражуваат.

„99,95 отсто од побарувачката е обновена“, објави шпанскиот енергетски оператор „Ред електрика“ на социјалната мрежа Х, наведувајќи дека продолжуваат со „целосна нормализација“ на системот.

И португалскиот дистрибутер на електрична енергија „Е-Редес“ потврди дека снабдувањето со струја е целосно обновено и нормализирано денес, според весникот „Паблико“.

Додека Шпанија и Португалија се обидуваат да се вратат во нормала, португалската Влада закажа вонредна седница на Советот на министри утринава.

Шпанскиот премиер Педро Санчез, пак, ќе одржи седница на Советот за национална безбедност, што ќе ја води кралот Фелипе VI, јавува „Ел Паис“.

Прекинот на струја се случи околу пладне вчера и ги зафати Португалија, Шпанија и Андора, како и делови од Франција. Причините за настанот сè уште се истражуваат.

„Во 12:33 часот изгубивме 15 гигавати од производството – за само пет секунди. Ова никогаш досега не се случило“, изјави премиерот Санчез на прес-конференција доцна синоќа.

Истакнувајќи дека причината сè уште не е утврдена, тој рече дека „не се исклучува ниту една можност“, додека истрагата продолжува.

Од „Ред електрика“ изјавија дека станува збор за „исклучителен и тотално невообичаен“ настан.

Во меѓувреме, португалскиот премиер Луис Монтенегро изјави дека прекинот на струјата не потекнува од португалската мрежа, туку од Шпанија, пренесува Паблико.

„Станува збор за нагло зголемување на напонот во шпанската електрична мрежа, чие потекло сè уште не можеме да го објасниме. Знаеме дека токму ова зголемување на напонот ги активираше безбедносните механизми што доведоа до прекинот. Ќе разговараме со шпанските власти и ќе се обидеме да дизајнираме подобри механизми за одговор“, рече Монтенегро.

Португалскиот оператор РЕН ја поддржа оваа изјава, наведувајќи дека станува збор за „дефект во шпанската електрична мрежа“ предизвикан од „ретка атмосферска појава“.

„Екстремните температурни варијации во Шпанија придонесоа за прекинот“, додадоа од РЕН.

Можноста за кибернапад не беше потврдена, а шпанските и португалските премиери заедно со претседателот на Европскиот совет Антонио Коста нагласија дека „нема индикации“ за таков напад.




АА

Read Previous

Муцунски по повод Денот на македонската дипломатија: Таа е мост помеѓу народите и чувар на мирот

Read Next

Тошковски ќе се сретне со семејствата на загинатите во Кочани