
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес го пречека на средба својот црногорски колега Ервин Ибрахимовиќ, кој престојува во официјална посета на земјата.
Двајцата министри на средбата констатираа дека заемната поддршка на планот на евроинтеграциите претставува добар пример за заедничката одлучност за напредок на овој пат, кој, како што истакнаа, ќе обезбеди сигурност, стабилност и напредок кон просперитетна Европа како заедничка цел.
Порачаа дека секој успех на една од државите од регионот на европскиот пат е добра вест за сите останати.
Министерот Ибрахимовиќ истакна дека постои голем простор за дополнително интензивирање на одличната билатерална соработка меѓу двете земји со оглед на нивното заедничко стремење кон европските и евроатлантските вредности:
„Полноправното членство во ЕУ е стратешка цел на Црна Гора и клучен надворешнополитички приоритет. Тоа определување што го делиме со Северна Македонија во контекстот на современите геополитички околности, дополнително добива на значење. Верувам дека како држава која намногу има напредок во процесот на преговори, можеме да направиме одлучувачки чекор и да послужиме како доказ дека проширувањето на ЕУ е реално, а зачленувањето на Западен Балкан достижно“, нагласи Ибрахимовиќ, посочувајќи дека европската перспектива е најсилен гарант за натамошен просперитет и стабилност.
Министерот Муцунски, од своја страна, истакна дека е разговарано и за понатамошно продлабочување на економската соработка и искористување на постоечкиот потенцијал за зголемување на трговската размена.
„Го делиме истиот став по однос на ситуацијата во регионот, и ја споделуваме неопходноста од наш силен фокус на сите нивоа – билатерално, регионално и мултилатерално, со цел одржување на мирот, стабилноста и просперитетот како клучни основи за придобивките за сите во нашиот регион“, рече Муцунски и додаде дека е потпишан Меморандум за разбирање во областа на дипломатските обуки меѓу министерствата за правно формализирање на оваа соработка.
Истакна дека посебен акцент бил ставен на процесот на интеграција на двете земји во ЕУ.
„Заемната поддршка што ја искажуваме на планот на европската интеграција претставува добар пример за нашата одлучност за напредок на овој пат кој ќе ни обезбеди сигурност, стабилност и напредок кон просперитетна Европа кон која заеднички целиме. Заеднички констатиравме дека е потребен засилен ангажман во делот на засилување на реформите и унапредување на владеењето на правото како основа за градење стабилни и функционални општества“, нагласи Муцунски на заедничката прес-конференција.
AA