април 16, 2025

Владата го собира вишокот пари од институциите – во март и април огромен скок на приходите во буџетот

Во март и првите осум дена од април драстичен скок на приходите во буџетот.

По нешто послабиот старт во јануари и февруари кога во државната каса се слеале 773 милиони евра или 13,25 отсто од планираното за годинава, во наредните 39 дена, значи во март и дел од април собрани се 659 милиони евра, со што вкупните приходи се една милијарда и 432 милиони евра или 24,55 отсто од планираното за 2025 година.

Ваквиот неочекуван, голем и за јавноста мистериозен скок на приходите, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска го објасни дека во втората половина на март и на почетокот на април, нејзиното министерство, Управата за јавни приходи и царината драстично ја заостриле наплатата на даноците, царините и акцизите. Но, главните пари кои придонеле за големиот раст дошле од неданочните приходи.

„Имаме зголемување на наплата во неданочните приходи.

Што значи тоа?

„Тоа значи дека наплаќаме дивиденди од оние институции кои што имале добри резултати во 2023 година“.

Во државава многу малку институции кои делат дивиденди, но исто во поширока смисла ова може да се смета и за компаниите кои имаат нето добивка после оданочување. Такви институции се повеќе на број.

Инаку, во првите три месеци од годинава, иако секојдневно гледаме дека има кампањи за нови капитални инвестиции, тие изнесуваат симболични 9,53 отсто од планираните за годинава. Димитриеска Кочоска ова го објаснува со тоа дека не е градежна сезона, а нивниот акцент е на инфраструктурни проекти кои не се градат во зима. Но главната причина за пониските капитални расходи е поради промена на методологијата за пресметка на оваа ставка. За разлика од порано, капитална инвестиција се брои само онаа која реално е изведена на терен, а не аванси или гаранции за проектите.

„Имаме нова методологија во евидентирање на капиталните расходи која што може да ја видите во извршување на буџетот…. Ние имаме поголема реализација во однос на изминатиот период, што значи дека имаме реално поголема реализација во однос на претходната година…“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

Инаку, стара пракса на сите досегашни влади беше за капитални инвестиции да се смета и кога парите се префрлаат на институциите кои треба да ги реализираат, без да изградат било што, по што владата овие нереализирани средства ги намалуваше или ги пренаменуваше.




ТV21

Read Previous

Мицкоски: Очекувам плодни и успешни средби коишто ќе значат зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави

Read Next

Тошковски: За трагедијата во Кочани се постапува по над 50 осомничени