October 24, 2025

Ќе има ли повторно гласање во 11 општини? По ДИК, одлучува Управниот суд

По завршувањето на вчерашната седница на ДИК, на која беа отфрлени сите 57 приговори поднесени за првиот круг на локалните избори, започна да тече законскиот рок од 24 часа за незадоволните страни да побараат правда во втора инстанца преку тужби до Управниот суд.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изјави дека сите приговори се разгледани во законскиот рок и дека Комисијата ќе чека одлука од судот, по што повторно ќе заседава доколку има основ за повторно гласање во некоја од општините.

„Ќе бидат подготвени одлуките на ДИК за решенијата што беа донесени по приговорите, во законскиот рок. По нивното доставување, подносителите имаат право да бараат правда во втора инстанца, со тужба до Управниот суд. Откако судот ќе одлучи, за сите општини каде што имаше приговори, на јавна седница, по неколку дена, зависно од судската постапка, ќе излеземе со конечна презентација на резултатите“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.

Од 44 општини за кои ДИК ги објави првичните официјални резултати од изборите за градоначалник, приговорите би можеле да ја променат ситуацијата во 11 од нив, каде што резултатите сè уште не се конечни. Тоа се: Арачиново, Богданци, Босилово, Бутел, Велес, Гази Баба, Кривогаштани, Прилеп, Ресен, Чаир и Чашка.

ДИК вчера ги отфрли сите 57 приговори поднесени за првиот круг на локалните избори – 37 се однесуваа на постапката за утврдување и сумирање на резултатите од гласањето, а 20 приговори за самата постапка на гласање.

„На јавна седница беа разгледани сите приговори. Имаше вкупно 37 приговори за резултатите од гласањето и 20 за постапката на гласање – вкупно 57 приговори, од кои некои опфаќаа повеќе избирачки места. Сите приговори беа отфрлени како неосновани – дел беа повлечени од подносителите, а дел отфрлени како неприфатливи“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.

Според ДИК, ова значи дека во 33 општини локалните избори се завршени уште во првиот круг – и за градоначалници и за советници – и резултатите ќе бидат потврдени во законскиот рок.

Од вкупно 80 општини, во вториот круг на 2 ноември ќе се гласа во 36 општини и во Град Скопје.







TV21

Read Previous

Комунална хигиена синоќа подигнала 350 тони отпад

Read Next

Започнати се работни активности на проектот „Градски воз“ – еве кога се очекува да биде пуштена првата линија