март 25, 2025

Пациентите со тешки повреди на рехабилитација ќе одат во странство, веќе има понуди од неколку западноевропски држави, вели Таравари

Од 115 пациенти повредени во пожарот кои се лекуваат во странство денес во земјава се враќа еден пациент, кој се лекуваше во Белград. Министерот за здравство Арбен Тараври вели дека тој ќе го продолжи лекувањето кај нас.

„Пациентот е во добра општа состојба. Како што кажавме вчера, тој 24 часа минимум треба да престојува во една од клиниките. Ќе биде направена тријажа и потоа ќе биде сместен во една од клиниките во Клиничкиот центар“, рече министерот Таравари.

Од пациентите кои се лекуваат надвор од земјава се уште четворица – петмина, како што нагласи министерот Таравари, се уште се во посериозна состојба, кај некои имало и влошување на состојбата но тој уверува дека здравствените работници даваат максимум за да им помогнат да го поминат овој тежок период.

Рехабилитацијата за пациентите кои се во потешка состојба, која се очекува да биде подолготрајна, ќе биде во странски болници.

„Веќе имаме понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти кои по неколку недели ќе се вратат во Македонија. Тие кои се потешки и кај што треба подолгорочна и попрофесионална рехабилитација веќе изразуваат подготвеност. Во следните денови ќе известиме и каде може да бидат сместени тие пациенти доколку има потреба за подолготрајна рехабилитација. Од тие кои се во потешка состојба сигурно некои ќе имаат и таква потреба“, вели министерот Таравари.

Во болниците во Скопје во моментов се лекуваат 39 пациенти. 12 од нив се Клиничкиот центар, 10 пациенти се во Стара градска болница, 10 во ГОБ „8 Септември“. Во приватните клиники се седуммина пациенти.

Министерот Таравари рече дека добрата вест за денес е тоа што од болница излегуваат 12 пациенти, па на лекување во скопските болници ќе останат 27 повредени во пожарот во Кочани.

ZOOM

Read Previous

Црвениот крст изврши исплата на средства на семејствата на починатите и повредените лица