
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ги поддржува оние коишто гневот го изразуваат преку протест за трагедијата во Кочани, но не и „политичките глодари“. Хелсиншки апелира да запре говорот на омраза.
Една недела по трагедијата во Кочани не стивнува тагата, но и бесот и барањето одговорност за згаснувањето на 59 млади животи во пожар во импровизирана дискотека во Северна Македонија. Додека обвинителството го проширува тимот којшто работи на утврдување на одговорноста околу овој трагичен настан, младите со низа протести низ земјата го изразуваат своето незадоволство од слабостите на системот. За во 19 часот е закажан нов протест во Скопје, којшто ќе започне на Плоштад „Македонија“, а во 19.30 часот ќе се продолжи кон Собранието, потоа по ул. „Филип Втори Македонски“, лево по булеварот „Гоце Делчев“ до пред Владата. СВР Скопје информираше дека поради одржување на протестен марш, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје.
„Разбирање за протестите, но не и за политичките глодари“
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека протестите се демократска алатка на изразување на незадоволство. „Апсолутно ги разбирам сите оние кои одлучиле својот легитимен гнев да го изразат преку демократска алатка, а тоа се протести. Но, не можам никако да ги оправдам оние политички глодари, лешинари, коишто не сакаат силна Влада од ВМРО, бидејќи е браник и последниот столб да не дозволи уништување на Македонија, како држава“, порача премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Радовиш.
Тој додаде дека апсолутно го поддржува изразувањето на револт и гнев, затоа што „уште многу работи пред нас останаа да се решат“. „Ќе се бориме до последен атом, енергија, којшто го имаме да исправиме нешто во името на идните генерации, коишто доаѓаат. Преку ноќ не може ништо да се направи, иако направивме многу работи. Поразивме неколку мафијашки здруженија, коишто за жал функционираа во државата, ќе продолжиме и во периодот, којшто следи. Но, од сега па натаму, би посакал сите да останеме фокусирани и обединети во решавање на проблемите“, рече Мицкоски.
Апел да запре говорот на омраза
Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира да се запре со говорот на омраза, особено на социјалните мрежи, но и во некои медиуми, како и замолчувањето на младите. „Барањето на одговорност од надлежните институции од страна на граѓаните и особено од страна на младите се поврзува со дејствување на политички партии и наместо достоинство и одговорност, гледаме навреди, обвинувања, говор на омраза и повикување на насилство. Сето ова добива размери на загрижувачки опасна онлајн хајка“, се наведува во соопштението.
Хелсиншкиот комитет предупредува дека ваквите напади можат да имаат сериозни последици врз слободата на изразување и безбедноста на граѓаните. Во врска со студентските мирни собири кои деновиве се мета на навреди и разни шпекулации дека дејствуваат под нечие влијание, Хелсиншки комитет потсетува дека правото на мирен собир е уставно загарантирано право и е основно човеково право загарантирано со најзначајните меѓународни документи за човековите права.
„Никого не треба да зачудува фактот што младите бараат одлучна борба против корупцијата и системските неправилности и неправди во општеството, чиишто жртви се трагично настраданите во Кочани. Од тие причини никој, а особено власта, не треба од позиција на моќ да го узурпира гласот на младите“, се наведува во соопштението. Хелсиншкиот комитет најавува дека ќе ги мониторира протестите и ќе обезбеди бесплатна правна заштита при евентуални случаи на пречекорување на полициските овластувања.
Обвинителството го проширува тимот – распит на 300 сведоци
Државниот Јавен обвинител Љупчо Коцевски го прошири тимот од 9 на 11 обвинители коишто работат на истрагата за трагедијата во Кочани. „Првичните планови на истрагата упатуваат на обемни активности кои вклучуваат распит на повеќе од 300 сведоци, но и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области“, велат од Јавното обвинителство.
Пред една недела, во Македонија се случи трагедија каква што не памети земјата, во којашто животот го загубија 59 лица на возраст од 16 до 48 години. Меѓу нив шетсмина се малолетници. СДСМ на прес-конференција ги изнесе своите стравувања дека истрагата не треба да биде селективна.Тие прашаа дали е точно дека ниеден од командирите, инспекторите, и раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип, кои мора да знаеле што се случува, не се во притвор.
„Дали и против кој од нив се води истрага? И ако не се води, како е возможно да не се истражуваат лица кои вечерта биле на одговорни позиции, со должност и овластување да реагираат – но не го сториле тоа?Дали е точно дека сите седум вработени во МВР, кои се моментално во притвор, не биле на функции во денот на пожарот во дискотеката?“, рече на прес-конференција Мартин Костовски – организациски секретар на СДСМ.
Со истрагата за пожарот досега се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од Штип и Кочани.
Контроли и проверки
Трагедијата во Кочани го отвори прашање за почитување на безбедносните стандарди во многу области од секојдневниот живот. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека и понатаму ќе продолжат инспекциските контроли во сите јавни објекти низ државата, со оглед на тоа дека кај 70-80 проценти од објектите биле воочени огромни неправилности.
Мицкоски потенцираше дека разработуваат акциски план за одреден период да се прогласи мораториум и да се отстранат сите тие неправилности за оние кои сакаат да функционираат со дејноста со која што функционирале. „И ресурсите и алатките со кои располагаме се ограничени. И со такви ограничени ресурси и алатки ќе продолжиме да ја истераме оваа работа до крај. И не само оваа работа, туку да спречиме да ни се повторуваат немили случувања и во иднина“, вели Мицкоски.
Во тек се контроли во јавни објекти низ државата, за проверка на документацијата, исполнувањето на обврските од лиценците и дозволите, на техничките услови за работа и безбедносните стандарди. Општините се координираат преку Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) за проверки на училиштата, градинките, спортските сали, културните домови, но и сите угостителски објекти и други места каде секојдневно се собираат граѓани.
Државната комисија за спречување на корупцијата, пак, започна антикорупциска проверка на закони, со цел да се овозможи откривање и спречување на потенцијални ризици од корупција при издавање на одобренија и лиценци за работа, дозволи за работа на угостителски објекти, како и во делот на вршење надзор над нив.
Четири пациенти се критични, осум се враќаат од странство
Во пожарот којшто се случи на 16 март, 59 лица загинаа, а над 190 беа повредени. Последните информации се дека четворица пациенти се критични, осуммина кои се лекуваа во странство се враќаат во земјата, а 16 ќе бидат пуштени на домашно лекување. Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека тим од пластични хирурзи ќе престојува во Кочани за пациентите кои ќе бидат на домашно лекување откако ќе се вратат од клиниките, да можат да ја добијат потребната поддршка и терапија, а притоа да не патуваат.
Во Црвениот крст досега се собрани над 54 милиони денари донации за настраданите во пожарот во Кочани. „Откако ќе ги собереме сите потребни изјави за користење на лични податоци на повредените и нивните семејствата веднаш ќе пристапиме кон исплата на паричната помош“, најави Саит Саити, генерален секретар на републичкиот Црвен крст. Во наредниот период Црвениот крст ќе биде посветен на теренските активности, особено во делот на пружање на психолошката поддршка на оние на коишто им е најпотребна во овој момент.
DW