
„Нема назад. Тргнавме, нема назад. Или ќе победи таа мафија што трае со децении или ќе победи народот и државата. Ние сме на страна на народот и државата и одиме докрај“, истакна премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски.
Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, повтори дека ќе има одговорност за сите што придонесоа за трагедијата во Кочани, известува Анадолу.
„За сите што на кој било начин придонесоа за тоа што се случи, ќе има одговорност, без разлика дали се од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ или која било друга политичка партија. Без разлика дали се Македонци, Албанци или други, без разлика дали се христијани или муслимани“, рече Мицкоски во интервју за локална телевизија.
Премиерот Мицкоски предупреди дека ќе има одговорност не само за овој случај во Кочани туку и за многу други случаи што „ги оставија граѓаните и нивните сеќавања со чувство на сомнение дали сѐ е направено како што треба“.
Македонскиот премиер предупреди и дека сите досегашни случаи ќе бидат повторно отворени, посочувајќи ја модуларната болница во Тетово каде што во 2021 година во пожар загинаа 14 лица, како и автобуската несреќа во Ласкарци во 2019 година, каде што животот го загубија 16 лица.
„Сега е време да се открие сѐ што претходно беше изметено под тепих и да се реши сѐ што се крие под тепихот“, рече Мицкоски и нагласи: „Почнавме и нема запирање, ќе одиме докрај.“
Понатаму тој најави дека пазарниот инспекторат констатирал дека повеќе од половина од дискотеките што имале лиценци не ги исполнуваат минималните услови и дека ќе им биде забрането да работат.
„Денес бев информиран од Државниот пазарен инспекторат дека се проверени повеќе од 60-70 локали. Дури и оние што имаат важечки лиценци, повеќе од половина не ги исполнуваат минималните технички услови. И ова е голем проблем“, рече Мицкоски, најавувајќи и проверка на сите објекти што се во надлежност на општините со помош на ЗЕЛС.
„Нема назад. Тргнавме, нема назад. Или ќе победи таа мафија што трае со децении или ќе победи народот и државата. Ние сме на страна на народот и државата и одиме докрај“, истакна премиерот.
– Пожарот во дискотека во Кочани
Во раните утрински часови на 16 март во пожар што избувна во дискотека во Кочани, предизвикан од пиротехнички средства, животот го загубија најмалку 59 лица, а 178 се повредени, од кои 20 се во тешка состојба.
Судските органи на 16 лица им одредија краткотраен притвор, а поведена е истрага и за уште неколку лица поради сомнение дека сториле „тешки кривични дела против општата безбедност“ бидејќи, како што беше наведено, кабарето во Кочани не работело според прописите и имало фалсификувана лиценца за работа.
AA