
Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во Прага одржа работен состанок со директорот на економскиот сектор при чешкото Министерство за индустрија и трговија, Едуард Мурицки, и директорот за нови онологии, Јан Прашил.
Разговорите беа фокусирани на конкретни инвестиции во македонскиот
енергетски сектор, модернизација на капацитетите на АД ЕСМ и можностите за финансирање на капитални проекти од страна на чешката влада.
Министерката Божиновска истакна дека македонската влада е посветена на стратешко партнерство со Чешка и на реализација на проекти што ќе ја
забрзаат транзицијата кон одржлива енергетика.
„Во Чешка имаме стабилен партнер кој не само што има интерес, туку и
конкретна подготвеност да поддржи инвестиции во македонскиот
енергетски сектор. Разговаравме за директни вложувања, како и за
можности за поволно финансирање на големи инфраструктурни проекти со
чешки компании. Модернизацијата на капацитетите на АД ЕСМ е еден од
приоритетите, а токму во овој сегмент чешките компании имаат сериозен
капацитет и експертиза”, изјави министерката Божиновска.
Од чешка страна беше истакната подготвеноста за долгорочна поддршка, не само преку инвестиции, туку и преку финансиски инструменти што ќе обезбедат поволни услови за реализација на проектите. Директорот на економскиот сектор при чешкото Министерство за индустрија и трговија, Едуард Мурицки, потенцираше дека Чешка гледа конкретни можности за стратешка соработка.
„Чешката влада е подготвена да поддржи македонски енергетски проекти
преку инвестиции и поволни финансиски механизми. Особено сме
заинтересирани за соработка во делот на модернизацијата на
енергетските капацитети и имплементацијата на нови технологии кои ќе
придонесат за стабилност и одржливост”, – изјави Мурицки.
Директорот за финансии на АД ЕСМ, Иван Стојановски, нагласи дека новиот инвестициски циклус во обновливи извори е клучен за забрзување на зелената енергетска трансформација.
„За нас е исклучително важно да обезбедиме соработка со искусни партнери како Чешка, кои можат да помогнат во имплементацијата на одржливи технологии и да овозможат стабилни финансиски услови за нашите инвестиции”, – рече Стојановски.
Состанокот во Прага отвори конкретни можности за продлабочување на
енергетската соработка меѓу Македонија и Чешка, со акцент на инвестициските механизми што ќе го поттикнат развојот на енергетските капацитети и зелената транзиција.
TV21