
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов.
На средбата, директорот ја информираше претседателката за организацијата на Агенцијата и за човечките ресурси во неа, како и за преземените и планираните активности, неопходни за унапредување на односите и соработката со нашите иселеници и нивните различни иселенички организации.
Тој истакна дека Агенцијата остварува интензивна соработка со импозантна иселеничка мрежа од 700 црковни, спортски и културно уметнички иселенички организации, што изразуваат силен интерес за средби со неа и со други највисоки претставници на државата, како неопходен механизам за зајакнување на односите со татковината.
Горан Ангелов укажа дека иселениците најчесто се жалат на проблемите врзани за бирократските бариери и долгата и комплицирана процедура за добивање македонски пасоши и други документи, важни за остварување на нивните граѓански права во татковината. Истите, според него, може да се надминат преку поактивно и попосветено излегување во пресрет на вработените во македонските амбасади и конзулати, од една страна, но и преку отворање канцеларии во општините од кои потекнуваат за низа акти и документи, од друга.
Во разговорот се потенцираше потребата од обезбедување наставни помагала за изучување на македонскиот јазик во дијаспората. Според регистарот на Агенцијата за иселеништво, има 76 наставнички по македонски јазик низ светот, кои изразиле голема потреба од унифициран учебник по македонски јазик по кој би предавале, со кој би ги замениле постојните работни тетратки што сами ги креирале и отпечатиле.
Претседателката укажа дека одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик е вистинско време и повод за промоција и поттикнување на изучувањето на македонскиот јазик од младите луѓе во дијаспората.
Таа, за оваа цел, со задоволство ја прифати поканата за покровителство на „Летната школа за македонски јазик“ за деца од дијаспората, на возраст од 12-16 години, што ќе се оддржи во август во Охрид.
На крајот, со директорот Горан Ангелов сподели идеја за доделување награди на најуспешните и најреномираните нашинци од дијаспората во сферата на науката, културата, бизнисот, спортот, како и за нужноста од изработка на „Дигитален регистар на најуспешните во дијаспората“ во соработка со Владата, МАНУ, универзитетите, амбасадите и други субјекти, заради евиденција на нашиот највреден социјален капитал надвор, како и за нивен ангажман во татковината!
Skopjeinfo