февруари 25, 2025

Косово: КФОР и Министерството за одбрана не го потврдуваат повлекувањето на американските војници

Претставници на НАТО во мисијата КФОР на Косово и Министерството за одбрана на Косово не потврдуваат дека има нешто официјално во информацијата дека американските војници ќе се повлечат од КФОР, јавува Анадолу.

Во одговор на Министерството за одбрана на Косово до Анадолу, се наведува дека веста која првично ја напиша германскиот весник „Билд“, а потоа ја пренесоа многу медиуми во Косово и во странство, е дезинформација.

„Оваа вест која се прошири на неколку портали и телевизиски медиуми е дезинформација поттикната од надворешни актери кои имаат за цел да ја дестабилизираат земјата и Западен Балкан. Повлекувањето на американските војници на КФОР нема да се случи, особено кога се знае дека таквите одлуки, дали за распоредување или за повлекување на војниците, не се носат ад-хок“, се наведува во одговорот на косовското Министерство.

Понатаму, во одговорот се објаснува дека Министерството за одбрана континуирано ја координира секоја одлука со Соединетите Американски Држави (САД).

„Комуникацијата со Советодавниот и тимот за врски на НАТО и со КФОР се врши на неделно ниво. Затоа уште еднаш повторуваме дека нема да има повлекување на американските војници“, наведоа од Министерството.

Веста дека американските војници ќе можат да го напуштат Косово не го потврди и официјален претставник на НАТО во КФОР, кој во одговорот за Анадолу ја нагласи посветеноста на САД кон Алијансата и стабилноста на Западен Балкан.

„Американските претставници јасно ја покажаа својата посветеност на Алијансата, вклучително и американското присуство во Европа, како и потребата одбраната и одвраќањето на НАТО да останат силни. Во тој контекст, САД исто така го истакнаа своето очекување сојузниците од НАТО да направат повеќе, да инвестираат повеќе и да произведуваат повеќе за поддршка на нашата заедничка безбедност“, се вели во одговорот.

Според овој претставник, НАТО постојано се прилагодува на променливата средина и „ова е дел од она што е потребно за да се остане подготвен“.

Понатаму, одговорот ја нагласува суштинската посветеност на американските трупи во КФОР, како и непоколебливата посветеност на КФОР за стабилност на Западен Балкан.

„САД продолжуваат да играат суштинска улога во КФОР, преку својот долгогодишен придонес, кој во моментов вклучува над 600 војници“, додаде претставникот на НАТО.

По преговорите меѓу Русија и САД во Ријад, Саудиска Арабија, минатата недела, според германскиот весник „Билд“, во многу делови на Европа постои голема загриженост за повлекувањето на американските трупи од Европа, иако американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли можноста за „целосно повлекување“ од европскиот континент.

„Италија се подготвува за можно повлекување на американските војници од Косово. Европските сојузници тогаш би биле сами на Балканот против пријателот на Путин, Александар Вучиќ, и моќната српска војска“, напиша весникот „Билд“, повикувајќи се на источноевропски безбедносен претставник.

КФОР во Косово продолжува да го спроведува својот мандат – врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година – за придонес за безбедна средина за сите луѓе и заедници кои живеат во Косово и гарантирање слободата на движење, во секое време и на непристрасен начин, преку тесна соработка со косовската полиција и Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), според нивните безбедносни улоги.

AA

Read Previous

Засилени сообраќајни контроли: Вчера санкционирани 773 возачи, 73 возеле без возачка дозвола

Read Next

Сиљановска-Давкова се сретна со директорот на Агенцијата за иселеништво