
На тригодишнината од почетокот на руската агресија во Украина, САД и земјите од Европската Унија се разединија и поднесоа различни предлог резолуции во Обединетите нации. Киев застанува зад текстот на Германија и Франција, додека од друга страна Македонија е коспонзор на резолуцијата што ја поднесоа САД. Премиерот Христијан Мицкоски очекува таа да биде изгласана од мнозинството во Генералното Собрание.
„Па така одлучивме, дека ќе бидеме ко-спонзори на на Резолуцијата којашто ја поднесоа Соединетите американски држави.“, вели Христијан Мицкоски.
Претходно, дел од светските медиуми објавија дека во текстот што го предложи Вашингтон не се критикуваат доволно активностите на Москва и се зборува за руско-украински конфликт. Зад текстот, покрај Македонија, застанале и Унгарија и Израел. Прашан за односите со новата американска администрација на Трамп и поддршката од САД за земјава, Мицкоски одговори дека од контактите кои ги има Македонија може само да добие, но не и да изгуби.
„Полека, но сигурно од Вашингтон насекаде низ светот ќе се шири и ќе завладее новото нормално. Ние сме меѓу првите коишто го поддржавме тоа ново нормално и ценам дека тоа ќе биде масовно во периодот којшто следува и ќе добие голема поддршка во светот.“, вели Христијан Мицкоски.
Претходно, државниот секретар на САД, Марко Рубио истакна дека САД предложиле едноставна и историска резолуција со која ќе се зацрта патот кон мирот. Вашингтон одби да ја поддржи резолуцијата на европските земји. Со неа пак, се бара целосно повлекување на руските војници од украинска територија.
TV21