јануари 9, 2025

Употребата на албанскиот јазик повторно во фокусот на јавноста во Северна Македонија

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, изјави дека немала намера да навредува некој јазик, ниту пак се водела од партиски совети при донесување на нејзината одлука да не го потпише указот за Законот за заштита на децата.

 Претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, изјави дека немала намера да навредува некој јазик, ниту пак се водела од партиски совети при донесување на нејзината одлука да не го потпише указот за Законот за заштита на децата, пренесува Анадолу.

Претседателката Силјановска-Давкова на 31 декември испрати известување до претседателот на Собранието, Африм Гаши, дека нема да го потпише указот, бидејќи според неа, изгласаните амандмани содржат некои спорни одредби.

Силјановска-Давкова во вчерашната изјава истакна дека нејзината намера е да се упати повик уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10 од Законот.

Со овие два члена Законот предвидува, покрај македонскиот јазик, во лиценците кои се издаваат во областа на заштитата на децата да биде опфатен и јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, односно албанскиот јазик.

Владата претходно најави дека Законот за заштита на децата ќе се ревидира според забелешките на претседателката и потоа ќе се врати во собраниска процедура.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изрази убедување дека прашањето ќе се надмине и дека се работи за формалност. Тој истакна дека членовите од Законот ќе бидат коригирани и ќе бидат во согласност со Уставот и Законот за јазиците и дека очекува да бидат успешно усвоени.

Одлуката на претседателката Силјановска-Давкова наиде на остри реакции од опозициската албанска партија, Демократската унија за интеграција (ДУИ). Оваа политичка партија оцени дека не се работи за изолиран случај, туку за „јасно координирана стратегија“ против албанскиот јазик.

Потсетуваме дека во декември, прашањето за употребата на албанскиот јазик во Северна Македонија беше актуелизирано со дискусиите во Уставниот суд во врска со Законот за употреба на јазиците, кога се одржаа и протести пред зградата на судот.

AA

Read Previous

Скопје повторно се најде на седмо место во Европа по загаденост

Read Next

СДСМ: Христовски нема сертификат од НАТО