Централната изборна комисија на Косово на вчерашната седница во Приштина не го завери најголемиот политички субјект на српското малцинство на Косово, Српската листа, за учество на парламентарните избори закажани за 9 февруари 2025 година.
Претседателот на Српската листа на Косово, Златан Елек, денеска најави дека ќе поднесе жалба на одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово да не ја завери Српската листа, со што оваа политичка партија се спречува да учествува на претстојните парламентарни избори, јавува Анадолу.
ЦИК на вчерашната седница во Приштина не го завери најголемиот политички субјект на српското малцинство на Косово, Српската листа, за учество на парламентарните избори закажани за 9 февруари 2025 година.
Елек рече дека Српската листа смета дека одлуката е донесена по наредба на премиерот на Косово, Албин Курти.
„Оваа одлука нема законска основа и претставува доказ колку Курти сака да ги елиминира Србите од овие простори. Ова е институционално и правно насилство врз српскиот народ и Српската листа, бидејќи Курти не сака да види пратеници на Српската листа во косовското Собрание, туку сака во тоа собрание да види ‘послушни Срби’ како министерот Ненад Рашиќ“, рече Елек на прес-конференција.
Тој објасни дека аргументите против Српската листа се поврзани со употребата на терминот „Косово и Метохија“ во еден видеоспот, како и слоганот „Да живее Република Србија“.
„Мислам дека овој термин е целосно легален, бидејќи претставува топоним. Јасно ви кажувам дека сум горд што сум Србин и што ги кажав тие зборови. Цврсто стојам зад сите зборови кажани во спотот“, рече Елек.
Тој нагласи дека тоа што го кажа не претставува прекршување на законот и не може да биде причина Српската листа да биде елиминирана од изборите.
„Свесни сме за сите малверзации кои Курти ги користи против Српската листа, затоа што во нас гледа сериозна закана во неговата кампања против Србите и поради оваа причина ги започна сите тие постапки против сите лидери на Српската листа и директорите на јавните претпријатија кои работат во системот на Република Србија, наводно бидејќи сме се бореле против уставниот поредок на Косово“, рече Елек.
Тој најави дека во текот на денот ќе поднесе жалба на одлуката на ЦИК и дека очекува оваа одлука да биде отфрлена. Тој понатаму му се заблагодари на српскиот претседател Александар Вучиќ и на Амбасадата на САД, кои ја осудија одлуката на ЦИК.
За одлуката на ЦИК, реакции имаше од амбасадите на Германија, САД и на Европската Унија (ЕУ), кои изразија загриженост и потенцираа дека процесот на заверка на политичките партии треба да биде само формална процедура.
AA