Куртулмуш за време на посетата на Северна Македонија ќе се сретне со претседателот на Собранието, Гаши, со премиерот Мицкоски, а ќе биде примен и од претседателката Силјановска-Давкова.
Претседателот на Големото национално собрание на Туркије, Нуман Куртулмуш, ќе дојде во Северна Македонија, каде што ќе оствари официјални контакти со претставниците на власта во земјата во периодот од 21 до 23 декември, известува Анадолу.
Според соопштението што го објави претседателството на Собранието на Туркије, Куртулмуш за време на својата посета на Скопје ќе оствари тет-а-тет и меѓуделегациски средби со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши.
Куртулмуш ќе се сретне со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, а ќе биде примен и од претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
За време на средбите ќе се разговара за билатералните и меѓупарламентарните односи, како и за глобалните и регионалните прашања.
Покрај тоа, Куртулмуш ќе присуствува на програмата организирана по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик, каде што ќе им се обрати на учесниците и ќе им додели награди на учениците кои победиле на различни натпревари организирани во рамките на Денот на наставата на турски јазик
Куртулмуш ќе оствари средба и со лидерите на турските политички партии во Северна Македонија, а ќе ги посети и Меѓународниот балкански универзитет и Тетовскиот универзитет, каде што ќе им се обрати на студентите.
Претседателот на турскиот Парламент ќе го посети и училиштето на Фондацијата Маариф во Тетово, каде што ќе учествува во програмата по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик, што ќе се одржи таму.
Куртулмуш е придружуван од собраниска делегација составена од пратеници на Големото национално собрание на Туркије.
AA