Потерница, освен за Груби, распишана е и за директорот на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами
Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија денес распиша потерница за поранешниот вицепремиер Артан Груби, против кого се води истрага за проневера, откако тој не им беше достапен на органите на прогонот, јавува Анадолу.
Потерница, освен за Груби, распишана е и за директорот на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами, за кои се води истрага за злоупотреба на осум милиони евра преку незаконски набавки на терминали за видеолотарија, кои никогаш не се ставени во функција.
Потерницата е распишана откако Кривичниот суд во Скопје им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. На четири лица, кои се исто така опфатени во истрагата за злоупотреба на службената функција и овластување, судот им определи мерки за претпазливост.
И Груби и Бајрами моментално се недостапни за органите на прогонот и сè уште нема официјална информација каде се наоѓаат.
Во истрагата за проневера во Државна лотарија осомничени се повеќе лица, а претходно полицијата соопшти дека со кривичната пријава се опфатени и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, за пречекорување на своите службени овластувања.
AA