Се осудува и однесувањето на „Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ, членови на Претседателството на БиХ, кои со приемот на Албин Курти во зградата на Претседателството на БиХ постапија спротивно на официјалниот став“
Народното собрание на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска (РС) смета дека Албин Курти (премиерот на Косово) е непожелна личност на територијата на РС и Босна и Херцеговина (БиХ) поради етикетирањето на српскиот народ како злосторнички и неговиот став дека името Република Српска е нацистичко име, констатирано е на денешната седница, јавува Анадолу.
На 14. посебна седница, која почна вчера, денес беше осудена поканата и доаѓањето на Албин Курти во БиХ „како чин на провокација насочен против Република Српска и српскиот народ“.
„Ваквите покани на непожелни лица од страна на невладините организации од Федерацијата на Босна и Херцеговина, зад кои несомнено се кријат бошњачки политички претставници во институциите на Босна и Херцеговина и Федерацијата Босна и Херцеговина, не може да придонесат за помирување и доверба меѓу конститутивните народи на Босна и Херцеговина и дополнително ја влошуваат политичката ситуација во БиХ“, се вели во еден од заклучоците усвоени на денешната седница.
Меѓу другото, се осудува и однесувањето на „Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ, членови на Претседателството на БиХ, кои со приемот на Албин Курти во зградата на Претседателството на БиХ постапија спротивно на официјалниот став дека БиХ не го признава Косово. Вакви средби не може да се одржуваат во институциите на БиХ“.
„Од исти причини го осудуваме однесувањето на Рефик Ленда, потпретседател на Федерацијата на Босна и Херцеговина и Нермин Никшиќ, премиер на Федерацијата на Босна и Херцеговина, кои исто така се сретнаа со Албин Курти во седиштето на нивните институции“, се додава во заклучокот.
Беше истакнато дека Република Српска ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Србија во согласност со Повелбата на Обединетите нации и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации донесена на 10 јуни 1999 година, а нејзините претставници во институциите на БиХ никогаш нема да дозволуваат признавање на српската автономна покраина Косово и Метохија како независна држава.
„Доколку продолжи да не се почитува волјата на Република Српска во заедничките институции на БиХ, ќе ги искористиме сите права утврдени во меѓународното право, особено правата утврдени во член 1 став 2 и член 55 од Повелбата на Обединетите нации, со кои се предвидува почитување на принципот на рамноправност на народите и правото на народите на самоопределување, во член 1 став 1 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и во член 1 став 1 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, со кои е гарантирано дека сите народи имаат право на самоопределување врз чија основа слободно го одредуваат својот политички став и слободно го остваруваат својот економски, социјален и културен развој“, е еден од заклучоците.
Се осудува и политичкото дејствување на Курти „кое е насочено кон предизвикување конфликт во Република Србија и во БиХ со несогледливи последици и затоа го повикуваме Претседателството на БиХ да го прогласи за непожелно лице на територијата на БиХ (персона нон грата) поради кршењето на човековите права на српскиот народ и уништување на српското културно наследство во Косово и Метохија“.
„Го повикуваме Претседателството на БиХ во форма на официјално соопштение да нагласи дека одржаниот состанок со Албин Курти на ниеден начин не претставува чин на признавање на Косово како независна држава и дека не постојат никакви билатерални договори или односи меѓу БиХ и т.н. Косово“, се наведува во еден од заклучоците што денес ги усвои Народното собрание на РС.
Овие заклучоци, кои стапуваат на сила следниот ден од датумот на усвојување, ќе бидат пратени до претседателот и Владата на Република Српска, Парламентарното собрание на БиХ, Претседателството на БиХ, Советот на министри на БиХ, претставниците на РС во институциите на БиХ и кабинетите на потпретседателот на Федерацијата БиХ и премиерот на Федерацијата БиХ.
Народното собрание ги повикува сите претставници од РС во дипломатско-конзуларната мрежа на БиХ во својата работа да се раководат според интересите на РС.
AA