декември 27, 2024

Дополнетиот предлог на буџетот за 2025 утре на собраниска седница

Во Собранието утре ќе започне расправата за Дополнетиот предлог на буџетот за 2025 година, како дел од дневниот ред на 22-рата седница. Амандманската расправа заврши на 29 ноември, а прифатените амандмани се вклучени во дополнетиот текст.

Претресот по буџетот ќе трае најмногу пет дена, со ограничено време за говорење: пратениците до 20 минути, координаторите на пратеничките групи до 30 минути, а представниците на Владата исто така до 30 минути.

Буџетот предвидува економски раст од 3,7% и вкупни приходи од 358,8 милијарди денари, додека расходите се планирани на 400,2 милијарди денари, што дава дефицит од 41,35 милијарди денари или 4% од БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на 2,2%, а растот на извозот да биде 4,2%, додека увозот ќе порасне за 4,4%.

За капитални инвестиции се планирани 50,5 милијарди денари, а за тековни расходи 349,6 милијарди денари. Од овие, 48,1 милијарда денари се за плати, а 105,5 милијарди денари за пензии, вклучувајќи зголемување за 2.500 денари од март 2025. За здравство се предвидени 52,5 милијарди денари, што е за 10,7% повеќе од претходната година. Поддршката за земјоделството изнесува 8 милијарди денари, а за локалните самоуправи 33,2 милијарди денари.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека економијата се стабилизирала, со раст на БДП од 3% во третиот квартал, а се очекува сличен или поголем раст и во четвртиот квартал. Според него, странските инвестиции до крајот на годината ќе надминат 1 милијарда евра.

На истата седница ќе се разгледува и Предлог-законот за извршување на Буџетот за 2025 година.

TV21

Read Previous

Судири во Грција: Демонстрантите фрлаа молотови коктели и камења кон полицијата

Read Next

Првата и единствена жена дипломиран оџачар во Северна Македонија ги руши предрасудите