„Повозрасни луѓе знаат да изреагираат ама како сега, оџачар треба да дојде, оџачарките не може ништо да сработат, немаат сила, јас на тоа обично се шегувам, така е, но имаат техника“, вели Јасмина
Во светот на традиционалните занаети, каде што улогата на жената често е ставена на маргините, една Македонка го менува наративот и инспирира нови генерации. Јасмина Атанасова-Симјаноска е првата и засега единствена жена во Северна Македонија која професионално се занимава со оџачарство – професија што е речиси исклучиво асоцирана со мажи.
Јасмина во разговор за Анадолу изјави дека со оџачарството се занимава речиси 10 години откако ја завршила својата едукација за оваа професија во Загреб, Хрватска, во 2015 година.
Инспирирана од фактот што професионалното оџачарство во Северна Македонија речиси не постои, таа покрај тоа што е и дипломиран архитект, дополнително ја одбрала токму оваа професија.
„Обично се смета дека ова е машка професија, но јас бев многу љубопитна“, вели Јасмина.
Иако се соочила со скептицизам, особено од постарите генерации, Јасмина успеала да ги сруши табуата.
Таа вели дека луѓето често се изненадени кога ќе видат жена оџачарка, но дека младите генерации многу повеќе го прифаќаат ова како нормално.
„Повозрасни луѓе знаат да изреагираат ама како сега, оџачар треба да дојде, оџачарките не може ништо да сработат, немаат сила, јас на тоа обично се шегувам, така е, но имаат техника“, вели Јасмина.
– Од инспирација до едукација –
Северна Македонија се соочува со сериозен недостаток на едуцирани и сертифицирани оџачари. ГУЦ „Здравко Цветковски“ во Скопје е единствениот центар каде што се вршат обуки, а Јасмина активно учествува во едукацијата на новите генерации.
Таа ги подучува идните генерации оџачари, објаснувајќи им дека ова не е само занает, туку вистинска наука, инспирирајќи и сѐ повеќе девојки, кои го гледаат оџачарството како професија со голем потенцијал.
„Последната група што заврши обука кај мене беше женска група, пет жени, со мене шест, и двајца мажи“, изјави таа.
Зборувајќи за ризиците коишто ги носи оваа професија, нагласувајќи дека не постојат преголеми опасности, таа рече:
„Најголем ризик е респираторниот систем, мора сите кандидати да бидат добро заштитени и јас кога работев, се разбира, дека носев комплетна опрема потребна за оџачарството.“
Благодарение на донација од збратимениот германски град Нирнберг, тимот на Јасмина располага со врвна опрема за современо оџачарство.
„Го имаме најсовремениот алат од Европа, го добивме како донација од град Нирнберг како збратимен град на Скопје, ги добивме комплетите кои се навистина врвни, нешто со коешто секој современ оџачар би требало да работи“, изјави Јасмина.
Јасмина ја има напишано и првата книга за професионално оџачарство во Северна Македонија. Книгата е насочена кон модерни техники и стандарди, што се применуваат во Европа.
Иако сè уште не е објавена, таа послужила како основа за изработка на првиот Закон за оџачарство во Северна Македонија, којшто е на разгледување.
– Оџачарството во Северна Македонија – сива зона
Во Северна Македонија, оџачарството е сè уште нерегулирана услужна дејност. Повеќето оџаци се чистат само кога се целосно затнати, што претставува опасност за здравјето на луѓето и за животната средина.
Јасмина и нејзините колеги се залагаат за трансформација на оџачарството во комунална услуга, што би го направило редовното чистење обврска, слично како плаќањето сметки за вода или струја.
„Нашата борба на нас како оџачари, а и на градот, кој мислам дека сериозно се залага за тоа, е оџачарството да стане комунална дејност“, изјави Јасмина.
Јасмина Атанасова-Симјаноска е доказ дека со љубопитност, храброст и посветеност можеме да го промениме светот околу нас.
Нејзиниот пример покажува дека нема „машки“ и „женски“ професии – постојат само професионалци кои ја сакаат својата работа.
AA