На концертот организиран од Институтот „Јунус Емре“ во Скопје ќе настапат уметниците Анил Шалиел и Марееџхи Асу
Публиката во Северна Македонија ќе има можност да ужива во интересната комбинација на традиционалната турска музика и џез-музика на концертот насловен „Звуци од Анадолија“ што ќе се одржи в четврток во Скопје, јавува Анадолу.
На концертот организиран од Институтот „Јунус Емре“ (ИЈЕ) Скопје ќе настапат уметниците Анил Шалиел и Марееџхи Асу.
На прес-конференцијата што се одржа денеска, директорот на ИЈЕ во Скопје, Ариф Конак, рече дека Институтот што тој го води продолжува со напорите за презентација на турската култура и турската уметност.
Тој го изрази своето задоволство што на 5 декември во Салата на Националната опера и балет во Скопје ќе биде организиран концерт со уметници како Анил Шалиел, кој постигна голем успех кога е во прашање џез-музиката во Туркије, како и Марееџхи Асу, кој изведува комбинирана музика од турски класичен стил и џез-музика.
„2024 беше добра година за нас. Кон крајот на 2024, сакавме да ја завршиме годината со голем концерт во Скопје, главниот град на Северна Македонија“, рече Конак, додавајќи:
„Се надеваме дека ќе претставиме уникатен концерт за жителите на Северна Македонија, нудејќи ги на овој концерт најдобрите примери од нашата култура, народни песни и уникатната музика на Анадолија во комбинација со западна музика.“
На прес-конференцијата беа присутни и уметниците Анил Шалиел и Марееџхи Асу. Тие исто така изразија задоволство што ќе имаат можност да ја претстават турската музика пред јавноста во Северна Македонија, нагласувајќи дека овој концерт е дел од турнејата со која го „остваруваат нивниот сон“.
Шалиел нагласи дека во рамките на проектот „Звуци од Анадолија“ јавноста ќе има можност да види визуелен концерт, театарска претстава, а не само музичка изведба.
Асу, пак, нагласи дека напорно работеле да ја донесат старата турска музика во модерна верзија, да го претстават минатото и сегашноста.
Концертот „Звуците од Анадолија“ ќе се одржи в четврток, на 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Националната опера и балет во Скопје, а влезот е бесплатен.
AA