„Наша заедничка задача е да ја зголемиме трговската размена на над половина милијарда евра, тоа е нешто кон што мораме заедно да целиме.”
Владата на Република Северна Македонија и на Република Косово потпишаа билатерални договори на втората седница на владите на двете земји во Приштина, јавува Анадолу.
- Во Приштина меѓувладина седница на Северна Македонија и Косово
По средбата на владините претставници беше соопштено дека потпишани се договори од областа на енергетиката, образованието, како и еден за олеснување на слободното движење на граѓаните на двете земји, а се разговараше и за поширок круг на прашања.
Косовскиот премиер Албин Курти на заедничката прес-конференција со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, рече дека првиот договор е за олеснување на слободното движење, со само едно застанување за граѓаните од двете земји на граничните точки.
Курти рече дека обемот на размена на информации ќе се зголеми, со цел да се зголеми и безбедноста на границата.
„Протоколот за спроведување на договорот за заедничките гранични премини Хани и Елезит – Блаце и Јажинце – Глобочица доаѓа по подолго време. Овој модел на гранична контрола е само влез-влез, полициските службеници работат во иста зграда со олеснување на граничниот премин со што се скратува времето на чекање со цел да се олесни движењето на граѓаните“, нагласи Курти.
Тој рече дека вториот договор е Меморандум од енергетскиот сектор, во рамките на кој релевантните министерства ќе се заложат за справување со заедничките предизвици и размената на електрична енергија, со цел да се обезбедат попристапни трошоци за граѓаните.
Третиот договор, како што рече Курти, е Меморандумот за разбирање за соработка во областа на образованието, фокусиран на стручното образование и обуката, и образованието на возрасните.
На прес-конференцијата на двајцата премиери беше оценет и високиот обем на трговска размена меѓу Северна Македонија и Косово, каде само во минатата година беше реализирана размена од околу 423 милиони евра.
Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, рече дека целта на двете земји е оваа година да достигнат трговска размена од половина милијарда евра.
„Наша заедничка задача е да ја зголемиме трговската размена на над половина милијарда евра, тоа е нешто кон што мораме заедно да целиме. Логично е ако заедно настапуваме на трети пазари, дека ќе бидеме поатрактивни. Бидејќи, сигурно, заедно сме посилни кога би настапувале на трети пазари. И Косово и Северна Македонија се земји кои не излегуваат на море, но ние имаме една географска предност бидејќи сме природна раскрсница на два важни европски коридори, тоа е Коридорот 8 и Коридорот 10“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека разговарале и за важноста на евроатлантските интеграции, за што додаде дека се убедени оти „иднината на Западен Балкан е во Европската Унија“.
Мицкоски рече дека Балканот предолго беше регион кој ги полни црните хроники во европската и светската јавност и „потроши многу време на политички прашања, занемарувајќи ги реалните животни прашања на граѓаните“.
Двајцата премиери рекоа дека на заедничките средби било разговарано и за заедничкиот патен правец Тетово-Призрен, на која косовската страна изразила интерес ова прашање да се заврши што поскоро.
Ова е втора средба меѓу владите на двете земји, првата се одржа во септември 2021 година во Скопје.
AA