ноември 15, 2024

ВМРО-ДПМНЕ: Владата веќе презема мерки за воздухот и со системски решенија на среден рок ќе обезбеди чиста животна средина

Загадувањето на воздухот не е проблем што може да се реши во четири месеци власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, велат од оваа партија.

Според нив, нивото на загаденост на воздухот е високо затоа што опозиционите душегрижници, СДС и ДУИ седум години на власт не направија ништо и не преземаа никакви системски мерки кои до сега би дале ефект.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како што појаснуваат, сериозно и посветено работи на спроведување и изнаоѓање решенија за системско решавање на проблемот со загадениот амбиентален воздух.

„Амбиенталниот воздух, посебно е загаден во зимските денови со почетокот на грејната сезона, што јасно става до знаење дека начинот на затоплување на домовите е еден од причините за загаденоста.

За таа цел, Владата веќе реализираше една од мерките за субвенциите за инвертер клими за граѓаните која ќе продолжи и понатаму. Дополнително, Владата исто така, ќе обезбеди субвенции и за фирмите кои ќе користат чисти енергетски решенија.

Исто така, ќе се воведат строги ограничувања за најштетните извори на енергија и ќе се контролираат најголемите индустриски загадувачи.

Освен ова, Владата ќе започне и програма за масовно пошумување и засилено чистење на јавните простори“, се додава во соопштението.

Сите овие мерки од кои што дел веќе се имплементираат, паралелно со забрзаната гасификација на Македонија и изградбата на когенеративната централа, ќе значат, според ВМРО-ДПМНЕ, долготрајни решенија за намалување на загаденоста на воздухот и кои на среден рок ќе обезбедат почиста животна средина.

ZOOM

Read Previous

Тошковски и Андоновски промовираа алатка за онлајн аплицирање за дозвола за оружје

Read Next

Делегација на Уставниот суд оствари билатерална средба со претседателот и со судии на Уставниот суд на Турција