ноември 14, 2024

Историскиот скопски аквадукт ги чека деновите кога ќе го врати својот поранешен сјај

Аквадуктот е познат и под името аквадукт Мустафа-паша бидејќи се вели дека тој носел вода до Мустафа-пашината џамија, која се наоѓа во близина на Скопското кале и до Старата скопска чаршија

Историскиот скопски аквадукт, речиси заборавен, ги чека деновите кога ќе го врати поранешниот сјај, пишува Анадолу.

Иако од неодамна се работи на реставрација на скопскиот аквадукт и негово истакнување во преден план како историски споменик, сепак овие работи не се доволни за да се зачува некогашната слава на скопскиот аквадукт.

За скопскиот аквадукт, еден од ретките на Балканот, кој се наоѓа во населбата Визбегово, постојат различни мислења за датумот на изградба.

Во некои извори се наведува дека аквадуктот бил изграден за време на Римската Империја и носел вода до блискиот град Скупи, а, според други, аквадуктот датира од времето на владеењето на византискиот император Јустинијан Први.

akva1.jpg

Според некои извори објектот бил изграден за време на османлискиот период, посочувајќи дека техниката на градба на лаковите на аквадуктот личат на оние во Куршумли-ан, кој е османлиско дело, исто така, лоциран во Скопје.

Аквадуктот е познат и под името аквадукт Мустафа-паша бидејќи се вели дека тој носел вода до Мустафа-пашината џамија, која се наоѓа во близина на Скопското кале и до Старата скопска чаршија, сместена на иста локација.

– Реставраторските работи се очекува да завршат во 2028 година –

Афет Јашари, државен советник одговорен за заштита на материјалното и духовното културно наследство на Северна Македонија при Министерството за култура и туризам, зборуваше со Агенција Анадолу (АА) за историјата на лаковите на аквадуктот и за сработеното за негово зачувување.

jasarii.jpg

Јашари потсети дека првите реставраторски работи на аквадуктот се извршени по разорниот земјотрес што се случи во Скопје во 1963 година и истакна дека со буџетот што секоја година му се обезбедува на Министерството се преземени заложби за заштита на столбовите на аквадуктот.

Потсетувајќи дека Скопје е прогласен за европска престолнина на културата за 2028 година, Јашари рече дека неопходните реставраторски работи ќе завршат до тој датум и скопскиот аквадукт ќе биде дел од туристичката мапа на градот.

Јашари се осврна и на важноста на тоа што Владата на Северна Македонија го прогласи аквадуктот за споменик на културата во 2021 година и истакна дека тоа значи дека Владата преку надлежните институции ќе одвои буџет за заштита на овој споменик.

akva23.jpg

Посочувајќи дека постојат различни студии за враќање на скопскиот аквадукт во неговата поранешна состојба, Јашари рече:

„Тоа значи дека Министерството управува само со буџетот, а стручниот дел од работата го врши Националниот конзерваторски центар, но секоја релевантна страна има интерес за негово зачувување и спроведување како процес.“

– Денешниот остаток од аквадуктот е долг приближно 387 метри –

Јашари изјави дека дел од аквадуктот што опстанал до денешен ден е долг приближно 387 метри и додаде дека доколку археолозите ги спроведат сите потребни истражувања, може да ја откријат неговата точна должина.

Информирајќи дека аквадуктот што опстанал до денес во иднина ќе му биде претставен на УНЕСКО, Јашари рече:

„Да се биде на листата на УНЕСКО значи спроведување на целосен процес на реставрација, имплементирајќи ги сите ресурси и артефакти што ги поседува. Мислам дека аквадуктот, како комплекс, ќе биде реставриран до 2028 година со помош на релевантниот државен буџет и со европска и меѓународна помош поради интерес за зачувување на културното наследство на нашата земја.“

Јашари рече дека по реставрацијата аквадуктот ќе биде интересен за културни, образовни и научни активности и додаде дека наедно ќе стане и атракција за туристите.

Инаку, делот од скопскиот аквадукт што опстанал до денес е изграден од тули и камен и го сочинуваат 53 столба, 54 основи и 42 мали свода.

AA

Read Previous

Додека Скопје се гуши: Неспособноста и бизнис интересите на нелегитимниот министер за животна средина го загрозуваат животот на граѓаните, велат од ДУИ

Read Next

Филипче: Само за камати за унгарскиот кредит годишно ќе се платат 18 милиони евра