ноември 21, 2024

Германија го критикува Израел дека „не ги исполнува ветувањата“ за помошта во Газа

„Никогаш во последниве 12 месеци не е доставена толку малку помош за Газа како сега. Голем дел од над 2 милиона луѓе страдаат од акутна неисхранетост и живеат во незамисливи услови“, рече германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денес го критикуваше Израел затоа што не дозволува влез на доволна хуманитарна помош во Газа, известува Анадолу.

„Никогаш во последниве 12 месеци не е доставена толку малку помош за Појасот Газа како сега. Голем дел од над 2 милиона луѓе страдаат од акутна неисхранетост и живеат во незамисливи услови“, рече Баербок во изјавата за печатот.

„Правото на Израел на самоодбрана е во границите на меѓународното хуманитарно право. Ова значи дека хуманитарниот пристап мора да биде одобрен во секое време и никогаш не смее да стане средство за војување. Повторно и повторно имаше ветувања што не беа исполнети“, додаде таа.

Баербок го повика Израел да ги отвори сите гранични премини кон Газа за хуманитарната помош.

„Пред зимата ништо не е поитно од тоа заложниците конечно да бидат ослободени и помошта во вид на храна, вода, лекови, средства за хигиена, шатори – конечно да стигне до жителите на Газа. За ова е потребно отворање на сите гранични премини во Газа за хуманитарната помош“, рече министерката.

„Потребна е целосна соработка од сите страни со Обединетите нации и хуманитарните организации за да се создадат сигурни и безбедни патишта за испорака на помош. Тешките борби мора конечно да престанат и сериозно да се работи на прекин на огнот. Затоа што без прекин на огнот, умирањето нема да престане, страдањето нема да заврши“, додаде таа.

Германија постојано ја нарекува „драматична“ ситуацијата со помошта во Газа, повикувајќи го Израел да ги подобри хуманитарните услови во енклавата откако изби војната со Хамас на 7 октомври 2023 година.

Според најновите процени на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), речиси 2 милиона луѓе се внатрешно раселени во Газа, а населението се соочува со огромен недостиг на храна, вода и лекови.

Во северниот дел на Газа едномесечната обновена офанзива и засилената опсада доведоа до катастрофални услови, при што се проценува дека 100.000 луѓе целосно се лишени од хуманитарната помош.

Во октомври Израел го намали бројот на камиони со хуманитарна помош и дозволи во Појасот Газа дневно да влезат само 30, изјави минатата недела шефот на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).

„Сега е доставена најмала помош, што се враќа на нивото на доставена помош на почетокот на војната“, рече Филип Лазарини на социјалната мрежа X.

Од почетокот на војната Израел ги затвора граничните премини во Газа, наметнувајќи значителни ограничувања за хуманитарната помош и создавајќи тешки услови за живот.

Лазарини нагласи дека овие 30 камиони дневно „не можат да ги задоволат потребите на над 2 милиона луѓе, од кои многумина се гладни, болни и во очајни услови“.

Тој истакна дека овие камиони „сочинуваат само 6 отсто од помошта (комерцијална и хуманитарна) дозволена во Газа во периодот пред војната“.

Израел продолжи со разорната офанзива врз Газа по нападот од Хамас минатата година и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.

Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 43.600 луѓе, главно жени и деца, а над 102.900 се повредени.

Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите дејства во Газа.



AA

Read Previous

Скопје на 21 место по загаденост во светот, годишно во Македонија умираат 3.400 луѓе од загаден воздух

Read Next

Мицкоски: За следната година во Буџетот се предвидени 50,5 милијарди денари за капитални инвестиции