Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска истакна дека симбиозата на дигитализацијата и енергетската транзиција носи резултати.
Денес, на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој во Скопје, тој говореше за тоа како Македонија го гради мостот меѓу дигиталната и енергетската транзиција.
„Со Националната платформа за интероперабилност, uslugi.gov.mk, еДМС, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, и Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, ја градиме инфраструктурата за модерна, поврзана и одржлива држава, нагласи Андоновски.
Тој исто така посочи дека заедно со Министерството за енергија, рударство и минерални суровини, дигитализирале повеќе од 20 услуги за граѓаните и бизнисите и ја градат основата за чиста, безбедна и паметна енергетска иднина.
„Македонија со гордост е домаќин на дискусија што го поврзува светот – од Женева до Бангкок – и покажува дека соработката, иновацијата и инклузијата се вистинската енергија на развојот“, порача министерот.


