ноември 25, 2024

Конгрес на балкански теолози и филозофи во Едрене: Исламскиот свет мора да реагира на геноцидот во Газа

Конгресот го организираше Фондацијата на исламски теолози и филозофи, а домаќин беше Универзитетот Тракија

Во турскиот град Едрене се одржа Конгрес на балкански теолози и филозофи, од каде е порачано дека е неприфатливо исламскиот свет да не реагира адекватно на геноцидот што го извршува ционистичкиот Израел во Газа, известува Анадолу.

Конгресот беше организиран од Фондацијата на исламски теолози и филозофи, а домаќин на настанот беше Универзитетот Тракија.

На собирот присуствуваа муфтии, теолози и филозофи од Северна Македонија, Косово, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, регионот Санџак, Бугарија, Романија, Словенија, Црна Гора и од Крим.

Завршната декларација на крајот на средбата ја презентираше претседателот на Фондацијата на исламски теолози и филозофи, проф. д-р Насрула Хаџимуфтуоглу, кој рече дека на Конгресот силно е нагласено братството на Анадолија и Балканот.

„Нашиот свет се соочува со криза на хуманост. Глобалните сили ги погазија основните човечки вредности стекнати со векови и без да покажат обѕир, ги занемарија универзалните морални принципи, правилата на меѓународното право и институциите, искористувајќи ја неорганизираноста на муслиманите. 

Исламскиот свет поради тоа ја почувствува најголемата штета во политичка, социјална и економска смисла“, истакна Хаџимуфтуоглу.

Тој нагласи дека „императив е исламските теолози и филозофи да ја подигнат јавната свест и да се фокусираат на конкретни истражувања со цел да влијаат врз ставовите и однесувањата на домашните и меѓународните носители на одлуки во насока на правдата“.

– Геноцид во Газа

Хаџимуфтуоглу рече дека западниот свет спроведува „глобална хегемонија“.

„Неприфатливо е исламскиот свет да не реагира на адекватен начин на геноцидот што ционистички Израел со поддршка на империјалистичките сили го извршува во Газа и пред заканите и опасностите што Израел ги претставува во регионот, и сето тоа пред очите на целиот свет кој не ги презема неопходните чекори за да го запре ова угнетување“, рече Хаџимуфтуоглу.

Тој нагласи дека затоа е „императив меѓународната заедница веднаш да преземе иницијатива со сите расположливи ресурси по ова прашање“.

– Семејство, училиште и општество

Хаџимуфтуоглу посочи дека невладините организации, институции и организации на исламскиот свет треба да ја покажат неопходната чувствителност да ги заштитат правата на муслиманите кои произлегуваат од меѓународното право и да го спречат кршењето на правата.

Тој додаде дека муслиманите треба да бидат внимателни кон империјалистичките и ориенталистичките проекти што ги спроведуваат доминантните сили преку етничките структури и верски групи за да ги постигнат сопствените амбиции во исламскиот свет.

„Во тој контекст, активностите за подигање на свеста би требало да бидат насочени кон семејството, училиштето и општеството. Исламските теолози и филозофи, како и лидерите на јавното мислење би требало да се фокусираат на активности кои ќе ја зголемат репрезентативната моќ на муслиманите, но и ќе одговорат на антирелигиозните и исламофобични ставови во земјите во коишто живеат и на целото човештво ќе му го објаснат исламот на соодветен јазик“, рече Хаџимуфтуоглу.

AA

Read Previous

Денеска конститутивна седница на Советот за безбедност

Read Next

Закани од лажен профил пријавила новинарка од Скопје