Екипата на Шкендија пред своите навивачи извојува триумф над Беса 1976 со конечни 2-1 (2-1) во натпреварот од дванаесеттото коло во Првата македонска фудбалска лига. Во прилог на домаќините оди и резултатот од Кратово, каде Силекс ремизираше со Работнички (1-1), што значи дека тетовчани имаат само еден бод негатива во однос на дебармаалци пред големото дерби во Скопје, кое ќе се одигра на 3 ноември.
Публиката на „Еколог арена“ во Тетово проследи навистина интересно и возбудливо прво полувреме. Шкендија започна според планот и уште во раната фаза од мечот дојде до водство. Најпрво Флорент Рамадани со одличен погодок на прва статива го совлада Захов во 14. минута, а потоа следуваше и една кардинална и аматерска грешка на гостинскиот тим.
Адама Самаке веројатно имаше план да го проигра својот дефанзивец по левата страна, но топката дојде директно во нозете на домашниот капитен, Бесарт Ибраими, кој со леснотија вторпат го матираше чуварот на мрежата и донесе двојна предност за Шкендија во 23. минута од мечот.
Во овие моменти Беса делуваше дека може да доживее вистинска катастрофа, но гостите веднаш се соземаа, заиграа подобро и тргнаа во офанзива. Иницијативата траеше околу 7-8 минути, а наградата за вложениот труд дојде во 32. минута со голот на Башким Велија. До крајот на првиот дел имаше уште по една шанса на двете страни, но на паузата остана истиот резултат (2-1).
Второто полувреме започна со посилен налет на гостите, но Шкендија бргу ја стабилизираше играта на средината и не дозволуваше лесен пристап кон својот гол. Тетовчани се обидоа да дојдат и до трет погодок и да го затворат мечот, но и Беса делуваше солидно во дефанзива, чекајќи ја својата шанса преку контра-напади.
Двајцата тренери ги освежија тимовите со по две замени, но времето полека изминуваше, а темпото на игра комплетно опадна пред почетокот на последните десет минути. До крајот Шкендија се обиде силно да притисне, имаше уште 2-3 изгледни прилики и една колосална шанса за гол, но резултатот не се промени, односно останаа оние 2-1 од првото полувреме.
За Шкендија ова е шеста победа сезонава и сега има само бод заостанување зад водечкиот Работнички, додека Беса 1976 го запиша вториот пораз во низа и останува на 12 бода. Во следното коло тетовчани одат на мега-дерби кај лидерот на табелата, додека Беса на домашен терен ќе има тешка задача против актуелниот шампион, Струга Трим Љум.
GOL MK