ноември 22, 2024

Мицкоски го прочитал писмото на Ахмети: „Бара да сум интервенирал кај уставните судии за Законот за јазици“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска обелодени што стои во писмото од лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Тој вели дека имало луди барања од страна на првиот човек на ДУИ, и дека нема намера да интервенира кај било кои судии.

-Го добив писмото, го прочитав. Писмото би го поделил во два дела, првиот дел е геостратешки осврт на состојбата во регионот, вклучително Блискиот Исток и Украина, додека вториот дел е обвинување на уставните судии коишто ги избрало мнозинството на СДСМ и на ДУИ дека спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ. Не сум знаел дека овие судии избрани од мнозинството на СДСМ и ДУИ спроведува програма на ВМРО-ДПМНЕ, дека бил загрижен за предметот поврзан со законот за јазици и да сум интервенирал кај уставните судии избрани од СДСМ и ДУИ да внимаваат што прават бидејќи на тој начин можеле да ја дестабилизираат државата. Тоа е писмото, јавноста нека оцени дали тоа заслужува коментар, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред конференцијата „Блумберг Адрија“.

Според него, поминало времето кога политичарите можеле на тој начин да влијаат на одлуки на судии и обвинители.

-Јас разбирам дека ДУИ се уште е во тој периметар и низ таа оптика низ која тие гледаат, тие мислат дека на тој начин треба да функционираме ние како држава, јас не мислам, а посебно на памет не ми паѓа било каква комуникација со уставни судии или било какви судии и обвинители кои се избрани од мнозинството СДСМ и ДУИ. Бидејќи тие истите рејтингот на правосудниот систем го сведоа на едноцифрен број проценти, рече Мицкоски.



TV21

Read Previous

Денеска на владина седница предлог буџетот за 2025 година

Read Next

Туркије со бројни манифестации го одбележува Денот на Републиката