октомври 28, 2024

БиХ: Повеќе стотици граѓани вчера на протестен марш за Палестина

Имаме податоци за девет месеци дека 17.000 деца се убиени во Газа. По девет месеци немаме институции кои би можеле да проверат колку точно се сега под урнатините

Стотици граѓани денес во Сараево, Босна и Херцеговина, учествуваа на протестен марш за поддршка на палестинскиот народ, јавува Анадолу.

Протестниот марш беше организиран од неформална група граѓани во координација со Амбасадата на Државата Палестина во Босна и Херцеговина и Палестинската заедница во БиХ.

Голем број граѓани се собраа кај Себиљ, од каде што се движеа по главното шеталиште во Сараево кон Плоштадот Босна и Херцеговина, каде беше организиран краток собир за изразување поддршка на палестинскиот народ.

Граѓаните извикуваа пропалестински слогани, а многумина носеа знамиња на БиХ, Палестина и Либан, кој исто така се соочува со израелски напади.

Целта на маршот е подигнување на свеста за исклучително тешката ситуација во која се наоѓаат жителите на Палестина, особено во Појасот Газа, каде од 8 октомври 2023 година во израелските напади убиени се повеќе од 42.000 Палестинци.

„Ова е седми марш кој го организираме. Нашата главна порака е дека сме покрај палестинскиот народ, дека го осудуваме геноцидот што моментално се случува во Газа, апартхејдот и етничкото чистење што се случува на целата територија на Палестина. Остро го осудуваме нападот на Израел врз палестинскиот народ, убивањето цивили. Убиени се повеќе од 40.000 цивили, од кои 17.000 се деца“, рече Сафија Тадефи, една од организаторите на собирот.

Еден од организаторите на денешниот собир е и Амер Ел Мордеха, кој рече дека се собрале да испратат порака до целиот свет и да покажат дека „геноцидот нема да остане неказнет“.

„Имаме податоци за девет месеци дека 17.000 деца се убиени во Газа. По девет месеци немаме институции кои би можеле да проверат колку точно се сега под урнатините. Од Сараево испраќаме порака дека ова варварство и геноцид нема да помине неказнето. Сè има свое време, така што, како што ги победивме нацистите во Втората светска војна, така ќе ги победиме и овие ‘new age’ нацисти. Вистината ќе победи“, рече Ел Мордеха.

Ел Мордеха е роден во Сараево, а неговиот татко Палестинец како дете избегал од Јафа во Либан.

„Во суштина, ние Палестинците по целиот арапски свет живееме во тие бегалски кампови. И не може другата страна да е жртвата. Ние сме жртви веќе 75 години. Тоа не започна на 7 октомври, 7 октомври е само запирка. Кога ќе биде точката ќе видиме“, рече Ел Мордеха.

Покана до граѓаните да учествуваат на денешниот собир претходно испрати и Палестинската заедница во Босна и Херцеговина.

„Да бидеме гласот на оние чии гласови се обидуваат да ги замолчат. Босна и Херцеговина бира да биде на вистинската страна на историјата, Босна и Херцеговина ја избира страната на правдата“, истакнаа од Палестинската заедница во Босна и Херцеговина.




АА

Read Previous

ЈО да отвори истрага за незаконското поставување на Христовски на чело на АНБ, бара СДСМ

Read Next

За вакцинација против сезонски грип досега пријавени над 61.000 граѓани