Цел на нападите беа окрузите Набатије и Бинт Џбеил во гувернатот Набатије, како и градот Сидон во Јужниот гувернат и окрузите Баалбек и Хермел во гувернатот Баалбек-Хермел
Во израелските воздушни напади во јужен и источен Либан доцна синоќа убиени се најмалку 19 лица, а 35 се повредени, јавува Анадолу.
Цел на нападите беа окрузите Набатије и Бинт Џбеил во гувернатот Набатије, како и градот Сидон во Јужниот гувернат и окрузите Баалбек и Хермел во гувернатот Баалбек-Хермел.
Во Набатије, израелски воени авиони извршија напади врз квартот Касар Заатар, при што загинаа пет лица, а 21 се повредени, се вели во соопштението на либанското Министерство за јавно здравје.
Во Бинт Џбеил, израелски авиони го нападнаа селото Харис, при што загинаа две лица, објави либанската Национална новинска агенција.
Во Сидон, во воздушен напад врз градот Тефахта убиени се шест лица.
Во Баалбек, израелски воени авиони убија едно лице, а повредени се уште четири лица во напад на дом во градот Наби Шит, јави Националната новинска агенција.
Во Баалбек-Хермел, во израелски воздушен напад загинаа пет лица, а други 10 беа повредени во подрачјето Ал Маали, соопшти либанското Министерство за здравство, кое не даде детали за сериозноста на повредите.
Во одделен инцидент, израелската војска изврши серија воздушни напади врз три области во јужните предградија на Бејрут, главниот град на Либан.
Според Анадолу, во нападите таргетирани се населбите Лејлаки, Борџ Ел Браџнех и Харет Хреик.
Нема информации за жртви или материјална штета.
Претходно денеска израелската армија издаде предупредувања до жителите на четири згради во овие области, со наредба за нивна евакуиација пред нападите.
Јужните предградија на Бејрут, познати како Дахије, се упориште на Хезболах.
Харет Хреик, населба која се наоѓа во срцето на предградијата, зафаќа површина од 1,82 квадратни километри и е на 5 километри од Бејрут.
Густо населената област е опишана како политичко упориште на либанската група, каде што се сместени нејзините безбедносни и политички канцеларии, вклучувајќи го и командниот центар, парламентарните канцеларии и Советот на Шурата.
Израел започна голема воздушна кампања во Либан од минатиот месец против, како што вели, локации на Хезболах што претставува ескалација на едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и групата од почетокот на бруталната офанзива на Израел врз Газа.
Најмалку 2.546 луѓе се убиени, а повеќе од 11.860 се повредени во израелските напади од октомври минатата година, според либанските здравствени власти.
Израел го прошири конфликтот на 1 октомври оваа година со започнување копнен напад во јужен Либан.
AA