Прво, владите на овие земји им даваат многу субвенции на странските инвеститори. Второ, работната сила сè уште е евтина, релативно евтина во споредба со земјите од Западна Европа, но и со југоисточните
Земјите од Западен Балкан, како Северна Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, го привлекуваат вниманието како простор каде што странските компании можат да имплементираат нови инвестициски трендови со правилно искористување на својот потенцијал, пишува Анадолу.
По пандемијата на КОВИД-19 големите економии почнаа да го претпочитуваат концептот на „ниршоринг“, што означува одвивање на економска активност на мултинационалните компании во земја блиска до друга целна земја или пазар. Според овој концепт, Западен Балкан се смета за важна област за инвестиција.
Од друга страна, процесот на декарбонизација, кој има цел да ги намали емисиите на јаглерод или другите штетни гасови, го прави регионот привлечен за странски инвестиции.
Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања, водач на истражувачката група што работеше на темата насловена „Трансформација на Западен Балкан со ‘ниршоринг’ и декарбонизација на инвестиции“, во изјавата за Анадолу ја оценува важноста на регионот во овој поглед.
Тој рече дека со пандемијата на КОВИД-19 и војната во Украина, европските земји бараат различни алтернативи за да ги позиционираат своите инвестиции. „Западен Балкан се појави како прва природна опција. Близината на регионот, релативно ниските трошоци и квалификуваната работна сила се едни од најважните карактеристики на регионот“, нагласи Јовановиќ.
Потенцирајќи дека регионот нуди предности во однос на намалувањето на емисиите на јаглерод, како за обновлива енергија, така и за изградба на фабрики со помала стапка на емисии, тој рече дека во оваа област Западен Балкан може да придонесе за „Зелениот договор“ на Европската Унија (ЕУ).
– „Во регионот веќе е имплементиран ниршоринг“ –
Говорејќи за истражувањето што го направиле, Јовановиќ рече:
„Нашите наоди покажуваат дека на Балканот веќе се спроведува ‘ниршоринг’ бидејќи видовме дека неколку компании што инвестираат на ова поле се во подготвителна фаза. Само Црна Гора, од причини затоа што повеќе е фокусирана на туризмот отколку на производството, не припаѓа во ова поле.“
Тој нагласи дека во регионот, освен во Косово, има странски инвестиции и во областа на обновливите извори на енергија, при што додаде дека истражувањата направени во рамките на споменатото истражување покажале дека компаниите се подготвени повеќе да соработуваат со локалните компании доколку се намалуваат емисиите на јаглерод диоксид во регионот.
Според него, регионот може да го подобри животниот стандард со користење на трендовите на „снабдување од блиските земји“ и „намалување на емисиите на јаглерод“, што ќе овозможи економскиот развој во регионот да достигне високи нивоа.
Тој посочи дека во регионот има 800.000 невработени луѓе и со „ниршоринг“ оваа бројка може значително да се намали.
– „Западен Балкан е идеална дестинација“ –
Муела Ибрахими, коавторка на истражувањето и директорка на Одделот за економски анализи и стратегиска комуникација на Стопанската комора на Косово, вели дека косовската економија доживеа стабилен раст на странски инвестиции и „ниршоринг“ инвестиции по пандемијата на КОВИД-19.
Ибрахими нагласи дека Западен Балкан нуди брз и сигурен пристап до клучните европски пазари, а тоа е особено привлечно за компаниите што сакаат да ги намалат синџирите на снабдување и да ја подобрат оперативната ефикасност.
Друг клучен фактор во однос на Косово, според неа, е квалификуваната и динамична работна сила. Ибрахими смета дека младата, добро образована и обучена популација, особено во важни области, како што се информатичката технологија и инженерството, ги направи Косово и Западен Балкан атрактивно место за инвестиции во секторите за кои се потребни напредни технолошки и технички вештини.
Ибрахими, исто така, нагласи дека релативно ниските трошоци за производство во споредба со земјите од ЕУ им нудат на инвеститорите голема конкурентска предност, што им овозможува да одржуваат високи стандарди на производство и услуги.
Според неа, со одобрените закони за заштита на животната средина и климатските промени, Косово е на пат да ги исполни критериумите за намалување на загадувањето на воздухот и поодговорно користење на природните ресурси.
„Овие политики се важни не само за подобрување на квалитетот на животот во земјата туку и помагаат Косово да се интегрира на европскиот и глобалниот пазар со тоа што ќе стане дел од зелените и одржливи синџири на снабдување“, рече Ибрахими.
Истакнувајќи дека Косово има голем потенцијал за развој на секторот за обновливи извори на енергија, Ибрахими рече дека на тој начин земјата може да ја намали зависноста од традиционалните извори и да ги исполни меѓународните стандарди за намалување на емисиите на јаглерод.
Ибрахими истакна дека во истражувањето што го направија откриле дека декарбонизацијата е клучен фактор во одлучувањето за инвестиции од страна на странските инвеститори, додавајќи: „Улогата на Косово во напорите за декарбонизација е суштинска за зголемување на регионалната и меѓународната соработка, помагајќи да стане поконкурентна и атрактивни за странски инвестиции што бараат високи еколошки стандарди. Тоа го потврдува и истражувањето.“
Ибрахими истакна дека Косово има голема можност да ги привлече овие инвестиции преку декарбонизација и зголемување на посветеноста на транзицијата кон зелена економија.
– „Регионот е главна дестинација на оддалечените компании“ –
Економскиот експерт од Северна Македонија, Висар Адеми, во изјавата за Анадолу истакна дека Западен Балкан е дел од Европа и како таков претставува главна дестинација за сите компании од САД, Кина и од далечните земји.
„Прво, владите на овие земји им даваат многу субвенции на странските инвеститори. Второ, работната сила сè уште е евтина, релативно евтина во споредба со земјите од Западна Европа, но и со југоисточните“, рече тој.
Адеми истакна дека странските инвеститори им придаваат значење на политичката стабилност и владеењето на правото, додавајќи дека во нивно отсуство се загрозени имотот на компанијата, производите, авторските права и правото на иновации. Според него, доколку се исполнат овие два предуслова, тогаш може да се зборува за продуктивност на работната сила.
Понатаму тој наведе дека новата Влада во Северна Македонија ветува дека ќе има многу инвестиции во обновливите извори на енергија, зелената енергија, но останува да се види каков ефект ќе имаат.
Истакнувајќи ја зависноста на регионот од електрична енергија, како во економијата, така и во потрошувачката, Адеми рече дека тоа се одразува врз инфлацијата и куповната моќ.
– „Процесот на декарбонизација е важен“ –
Потенцирајќи ја важноста на процесот на декарбонизација за регионот, Адеми рече дека критериумите за членство во ЕУ не се само политички туку и економски, додавајќи дека декарбонизацијата на општеството е важна не само од аспект на индустриското производство туку и од аспект на индивидуалната потрошувачка.
Според него, во следните шест години потребни се конкретни чекори во процесот на намалување на емисиите на јаглерод, а во однос на ефектот што може да го има членството на Северна Македонија или која било друга земја од регионот во ЕУ врз економијата и напорите за декарбонизација, тој рече:
„Трговијата со ЕУ ќе се зголеми во голема мера, ќе се зголеми конкурентноста на локалните компании, ќе се зголеми извозот бидејќи ние сме земја што многу зависи од своите стратегиски партнери во ЕУ. Германија, нашиот трговски партнер број 1, потоа следуваат Грција, Бугарија, сите членки на ЕУ. Нас ЕУ ни е главна дестинација бидејќи таму продаваме, купуваме и таму добиваме знаење преку странски проекти.“
Во меѓувреме, според податоците што ги објави Светска банка за 2023 година, Србија е на прво место во регионот по нето-прилив на директни странски инвестиции, со околу 4,8 милијарди долари.
Албанија, пак, е на второ место со 1,6 милијарди долари, Босна и Херцеговина со 944 милиони долари на трето и Косово со 913 милиони долари на четврто место.
Северна Македонија на ова рангирање е петта со околу 702 милиони долари, а Црна Гора со околу 525 милиони долари е шеста.
AA