ноември 22, 2024

Претседателката Сиљановска-Давкова во Црна Гора оствари низа средби со своите колеги од регионот

Во контекст на регионалната соработка, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека нејзиното зајакнување ќе обезбеди нашиот регион да остане отпорен на надворешни притисоци

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, кој се одржува во Тиват, Црна Гора, оствари низа средби со своите колеги од регионот, пренесува Анадолу.

Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ. Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателката, на средбата претседателката Сиљановска-Давкова изразила благодарност за цврстата и континуирана поддршка од Хрватска во процесот на евроинтеграциите, „што е најдобриот пат за развој на нашиот регион и стабилноста на Европа.“

„Во таа насока, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека евроинтеграцискиот процес мора да се ослободи од оковите на билатералните прашања и целосно да се дебилатеризира, посочувајќи на опасноста од зголемување на евроскептицизмот поради актуелниот ќор-сокак во кој се наоѓа процесот“, стои во соопштението.

Претседателката Сиљановска-Давкова посочи на потребата Европската Унија да ја потврди својата јасна посветеност на регионот, како што беше направено на Самитот во Солун во 2003 година, а процесот на интеграција да се базира на исполнување на критериумите од Копенхаген како единствени услови за влез во Унијата.

Во контекст на регионалната соработка, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека нејзиното зајакнување ќе обезбеди нашиот регион да остане отпорен на надворешни притисоци.

„На средбата претседателката Сиљановска-Давкова потенцираше и дека како НАТО-сојузници, силно сме посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорности во рамките на Алијансата, придонесувајќи за меѓународните мировни операции, споделувајќи заеднички ставови во однос на ситуацијата на регионално и мултилатерално ниво за мир и стабилност во регионот“, се вели во соопштението.

Во разговорите беше констатирано дека двете држави негуваат одлични билатерални односи, кои се карактеризираат со интензивен политички дијалог, конструктивна соработка во сите области од заемен интерес и долгогодишно пријателство. 

– Средба Сиљановска-Давкова – Пирц-Мусар

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба и со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц-Мусар.

Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателката, двете соговорнички размениле мислења и информации за процесот на пристапување во Европската Унија, при што претседателката Сиљановска-Давкова упати искрена благодарност за силната и отворена словенечка поддршка за македонската европска интеграција и истакна дека процесот не смее да биде заложник на билатералните прашања.

„Истакнувајќи дека Европската Унија врши притисок врз земјите членки кога тоа е потребно во многу други случаи, претседателката Сиљановска-Давкова порача дека во нашата ситуација неопходни се лидери и земји кои ја разбираат нашата позиција, кои ќе помогнат да се осигуриме дека нашиот глас јасно ќе се слушне во наредниот период. Претседателката нагласи дека е време да се потенцираат критериумите од Копенхаген во процесот на интеграција во Европската Унија и да се потврди јасната посветеност на регионот“, стои во соопштението.

На средбата беше изразено задоволство од одличните пријателски односи и соработката меѓу двете земји, кои се карактеризираат со заемна поддршка и почит, и беа нагласени заложбите за проширување на соработката и зајакнување на меѓусебната доверба, разбирањето и партнерството.

Во контекст на соработката на меѓународен план, претседателките Сиљановска-Давкова и Пирц-Мусар констатираа дека двете земји се усогласени со целите за зајакнување на мултилатерализмот и промовирање на мирот и одржливиот развој, а беше истакната и долгогодишната соработка во рамките на Обединетите нации.

– Претседателката Сиљановска-Давкова оствари средба со Жељка Цвијановиќ – 

Претседателката на Северна Македонија, денеска во Тиват, Црна Гора, оствари средба со Жељка Цвијановиќ, членка на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Како што соопштуваат од Кабинетот на Претседателката, на средбата е изразено задоволство од одличните пријателски односи и соработката меѓу двете земји што се карактеризираат со заемна поддршка и почит, при што е изразен интерес за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и продлабочување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес, пред сè на економски план.

„Претседателката Сиљановска-Давкова ја изрази македонската поддршка за европските и евроатлантските аспирации на Босна и Херцеговина, како и нашата подготвеност за размена на искуства со БиХ“, стои во соопштението.

Двете соговорнички констатираа дека унапредувањето на регионалната соработка со цел справување со предизвиците, како и напредок на европската интеграција на земјите од Западниот Балкан се од круцијално значење за стабилноста и просперитетот на регионот.

На средбата стана збор и за минатонеделните поплави во Босна и Херцеговина, при што претседателката Сиљановска-Давкова изрази длабоко сочувство до семејствата на настраданите и посака брзо закрепнување на повредените.




AA

Read Previous

Антивладини протести во главниот град на Албанија, повредени десет полицајци

Read Next

Дурмиши за 100 дена Влада: Се очекува намалувањето на цените да биде уште поголемо