Денеска ресорниот министер Бесар Дурмиши по повод 100 дена Влада вели министерството за економија и труд во изминатите 100 дена беше посветено на поддршката на бизнисите и домаќинствата, како и на заштитата на животниот стандард на граѓаните и додаде дека од почетокот на неговиот мандат континуирано се носат одлуки за поддршка на бизнисот и на граѓаните.
– Посветено работевме овие 100 изминати дена во интерес на подобрувањето на деловната клима за компаниите и за намалувањето на трошоците за граѓаните. Во услови на зголемени цени на храната, за да им излеземе во пресрет на граѓаните ја започнавме акцијата „Помалку трошоци – повеќe за вас“. Прво, ги намаливме маржите на трговија на големо и трговија на мало на училишниот прибор, со што се намалија трошоците за домаќинствата, посебно за оние кои имаат ученици. Потоа со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните ја објавивме Есенската потрошувачка кошница и ги ограничивме маржите на 10 проценти и во трговијата на големо и во трговијата на мало на 73 основни прехранбени производи, рече Дурмиши на прес-конференција во Владата.
Оваа мерка, додаде, ќе продолжи и во наредниот период како божиќна кошница, рамазанска кошница, велигденска кошница.
– Првичните анализи од терен, кажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5 до 10 проценти, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало, или воопшто и го нема како кај лебот, маслото за јадење и млекото, додека кај други производи е значително поголемо како кај месото, зеленчукот, сирењето и кашкавалот. Се очекува намалувањето на цените да биде уште поголемо имајќи го во предвид и намалувањето на цените во трговијата на големо, кое допрва треба да се случи во наредните пратки, при достава на производите во маркетите, посочи Дурмиши.
Со тоа, како што кажа, едно четиричлено семејство, на месечно ниво би имало заштедата од 690 ден до 1.360 денари во зависност од начинот на исхрана, како и од изборот на маркети каде што се набавуваат производите.
TV21