Демонстрантите се собраа пред Кабинетот на премиерот пред да маршираат низ градот, поминувајќи покрај клучните локации како што се Собранието, Министерството за внатрешни работи, Општина Тирана и седиштето на Социјалистичката партија
Синоќа во главниот град на Албанија, Тирана, се одржа антивладин протест организиран од албанската опозициска Демократска партија (ПД), јавува Анадолу.
Демонстрантите се собраа пред Кабинетот на премиерот пред да маршираат низ градот, поминувајќи покрај клучните локации како што се Собранието, Министерството за внатрешни работи, Општина Тирана и седиштето на Социјалистичката партија.
Дојде и до насилства кога демонстрантите фрлија Молотови коктели и димни бомби кон зградата на Владата.
Полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата. Демонстрантите предизвикаа материјална штета, оштетија огради, автобуски постојки, корпи за отпадоци и зградите пред институциите.
Според безбедносните претставници, десет полицајци се повредени.
Голем контингент на полицајци беше распореден за контрола на протестот, што доведе до затворање на патиштата во неколку делови на градот.
Демонстрациите започнаа поради затворската казна изречена за пратеникот на Демократската партија на Албанија (ПД) Ервин Салијањи.
Салијањи е обвинет дека објавил аудиоснимка на некои од роднините на тогашниот министер за внатрешни работи Фатмир Џафај, кои ги поврзува со наводната трговија со наркотици.
Вишиот суд во Тирана на 26 септември 2024 година ја потврди претходната судска пресуда, со која Салијањи беше правосилно осуден на една година затвор за „давање лажен исказ“.
Демократската партија ја окарактеризира одлуката на судот како „неправедна и политички мотивирана“, а пратениците од редовите на оваа партија започнаа со протести.
AA