Состанокот зад затворени врати во Турскиот дом се одржа на маргините на 79-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот српски колега Александар Вучиќ вчера разговараа за билатералните односи и регионалните и глобални прашања, јавува Анадолу.
Состанокот зад затворени врати во Турскиот дом се одржа на маргините на 79-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Ердоган му кажа на Вучиќ дека билатералните односи на Туркије со Србија продолжуваат да се зајакнуваат на секое поле и дека диверзификацијата и развојот на областите на соработка ќе продолжат со „голема одлучност“, соопшти Директоратот за комуникации на Туркије.
Ердоган додал дека продолжувањето на процесот на дијалог помеѓу Србија и Косово е „суштинско“.
Осврнувајќи се на тековната израелска војна во Појасот Газа, турскиот претседател рече дека се случува „голема човечка трагедија“ во опколената енклава поради израелската „агресија“.
Тој нагласи дека меѓународната заедница „мора да дејствува едногласно за да ги запре масакрите“.
Ако обидите на Израел да го прошири конфликтот во целиот регион не бидат спречени, светскиот мир ќе се соочи со „поголема опасност“, порача Ердоган, истакнато е во соопштението.
Туркије ја гледа Србија како важна земја за стабилноста на регионот и ја поддржува нејзината интеграција во Европската Унија.
Билатералните односи со Србија напредуваат позитивно, а трговските и економските односи се развиваат со силен импулс.
Советот за соработка на високо ниво Туркије-Србија е формиран во 2017 година.
AA