ноември 23, 2024

Се одржува меѓународната конференција „Бизнис-ангелите и претприемачкиот екосистем“

Министерот за економија Бесар Дурмиши рече дека има голем потенцијал за економската иднина на Северна Македонија, додавајќи дека поради оваа причина Министерството за економија во моментов го подготвува Законот за деловни ангели

Во Северна Македонија се отвори меѓународната конференција „Бизнис-ангелите и претприемачкиот екосистем во Северна Македонија. Можности и предизвици“, јавува Анадолу.

На отворањето на конференцијата присуствуваа вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Изет Меџити, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, претседателот на Светскиот инвестициски форум за бизнис-ангели (World Business Angel Investment Forum-WBAF), Бајбарс Алтунташ, бизнисмени, академици и други гости.

Вицепремиерот Меџити во својот говор ја истакна важноста на поддршката на бизнис-ангелите и во зелената економија, додавајќи дека нивните инвестиции ќе промовираат проекти што се занимаваат со итни еколошки прашања.

„Зошто треба конкретно да ги поддржуваме бизнис-ангелите во зелените сектори? Бидејќи тие го премостуваат јазот помеѓу иновациите и имплементацијата. Нивната подготвеност да инвестираат во сектори со висок ризик и со висока награда, како што е зелената технологија, им дава сила на претприемачите да ги следат и оние идеи што традиционалните инвеститори може да ги занемарат“, рече Меџити.

Министерот Дурмиши рече дека активноста на бизнис-ангелите носи голем потенцијал за економската иднина на Северна Македонија, додавајќи дека поради оваа причина Министерството за економија во моментов го подготвува Законот за бизнис-ангели.

„Бизнис-ангелите се поединци што не само што постигнале финансиски успех туку и акумулирале драгоцено искуство и знаење во текот на своите кариери. Тие се подготвени да ги вложат и своето богатство и мудроста во нови претпријатија“, рече Дурмиши.

Нагласувајќи дека не е многу тешка задача да се создаде екосистем за бизнис-ангели, Бајбарс Алтунташ рече дека најтешкиот дел е тој екосистем да биде одржлив.

Алтунташ рече дека треба да се овозможи систем каде што бизнис-ангелите ќе имаат можност да ги вратат направените инвестиции и повторно да ги инвестираат во други стартап компании.

Истакнувајќи ја важноста од создавање правна рамка, тој изјави дека пред усвојувањето на законите Туркије беше рангирана на 47. место од 52 земји во Европа според големината на пазарот за бизнис- ангелите. „По донесувањето на овој закон, по две години, Туркије се искачи на петто место, веднаш по Шпанија. Можете ли да замислите колку брзо се движеше“, изјави Алтунташ.

Read Previous

Над 220.000 граѓани вложиле 2 милиони евра за патничко осигурување во летните месеци

Read Next

САД до Вучиќ: Косово е суверена држава, воздржете се од еднострани акции