Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, денеска, 24 април, го потпиша законот за воена помош во вредност од 61 милијарда долари за Украина.
Тој рече дека испораките на оружје ќе почнат „во наредните часови“.
Бајден, говорејќи од Белата куќа по потпишувањето на нацрт-законот, рече дека пакетот покажува дека САД и сојузниците целосно ја поддржуваат Украина во нејзината борба против инвазивните руски сили и дека одобрението за помош е важно да покаже дека „ние се спротивставуваме на Путин (Владимир Путин, претседател на Русија)“.
Претходно, Сенатот одобри четири нацрт-закони усвоени од Домот во саботата, откако републиканските лидери ненадејно го сменија курсот минатата недела и дозволија гласање за 95 милијарди долари главно воена помош за Украина, Израел, Тајван и американските индо-пацифички партнери.
Четири закони беа комбинирани во еден пакет во Сенатот.
Најголемиот пакет обезбедува 61 милијарда долари критично потребни средства за Украина, вториот обезбедува 26 милијарди долари за Израел и хуманитарна помош за цивилите во конфликтните зони ширум светот, а третиот обезбедува 8,1 милијарди долари за „спротивставување на комунистичка Кина“ во Индо-Пацификот.
Четвртиот, кој Домот го додаде во пакетот минатата недела, вклучува потенцијална забрана за апликацијата за социјални медиуми, под контрола на Кина, ТикТок, мерки за пренос на запленетите руски средства во Украина и нови санкции кон Иран.