ноември 21, 2024

Маринакис: За помалку од една седмица 472 шумски пожари во Грција

Минатата седмица цивилната заштита и противпожарната служба се соочија со стотици пожари низ целата земја, иако сме на средина на пролетта. Јасно е дека климатската криза е тука и сезоната на пожари што претстои ќе биде многу тешка, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, посочувајќи дека од понеделникот до неделата избувнале 472 шумски пожари и биле уапсени 24 лица, јави дописничката на МИА од Атина. 

Владиниот портпарол посочи дека оваа година надлежните имаат на располагање дополнителни алатки, ресурси и протоколи за соработка во справувањето со шумските пожари.

Истакна дека се создаваат зони за заштита од пожари во најчувствителните шумски подрачја, се расчистуваат патеките и патиштата во шумите, а со измените што Владата ги направи во Кривичниот законик, построги се казните за потпалувачите. 

-Подметнување пожар што доведува до губење на живот е казниво со доживотен затвор, а подметнување пожар во шуми, доколку доведе до еколошка катастрофа, сега е кривично дело и казната е до 20 години затвор и парична казна од 200.000 евра, истакна Маринакис. 

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во вчерашниот неделен преглед на настаните објавен на „Фејсбук“ се осврна и на пожарите, истакнувајќи дека оваа година вработени се уште 700 шумски пожарникари и зголемен е бројот од шест на 16 на воздушните единици. 

Read Previous

Последен ден од изборната кампања пред парламентарните избори во Хрватска

Read Next

Германска воена помош за Косово