ноември 23, 2024

Почнува деветтиот Економски форум во грчкиот град Делфи

Под централен наслов „Големата транзиција“, во грчкиот планински град со античко значење Делфи, денеска започнува деветтиот Економски форум, на кој најавени се над 1.000 говорници од 70 земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Според организаторите, дискусиите на форумот што ќе трае до сабота, ќе се фокусираат на повеќеслојните транзиции што се случуваат во речиси секоја област од модерното живеење, а форумот ќе опфати повеќе теми како што се: геополитичката и меѓународната безбедност, светската економија, климатските промени, технологијата, како и граѓаните и општеството.

За разлика од претходните години кога беше впечатливо присуството на претставници од Северна Македонија, овој пат, според официјалната агенда, единствено ќе учествува поранешниот вицепремиер и шеф на дипломатијата, а сега претседател и ко-основач на Балкански центар за конструктивни политики „Солуција“ Никола Димитров.

Според организаторите, ова се должи и на фактот што Северна Македонија е во предизборен период.

Економскиот форум, како и секоја година, така и сега е под покровителство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која денеска напладне и свечено ќе го отвори, а свои обраќања на отворањето ќе имаат и претседателите на Словенија Наташа Пирц Мусар, на Црна Гора Јаков Милатовиќ, како и на Украина, Володимир Зеленски, кој ќе учествува онлајн.

Претседателот и потпретседателот на Делфи форумот, Симеон Цомокос и Јанис Томатис на прес конференцијата во Атина минатата седмица ги презентираа централните теми на кои ќе се фокусираат дискусиите и истакнаа дека и оваа година, ќе постои дел посветен на Балканот.

Делфи економскиот форум е независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, каде секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница, а целта е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања, како и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран.

Read Previous

Почна увидот по пожарот во Универзална сала

Read Next

ИРАН ГО НАПАДНА ИЗРАЕЛ! Спремни сме за војна, изјави портпаролот на израелските сили