ноември 23, 2024

Oсмани: Фиксни квоти во пратеничките листи за младите до 27 години

Кандидатот за претседател од Европскиот фронт, Бујар Османи денеска во Тетово учествуваше на дебата насловена „Задржување на младите во земјава“,  активност која, како што информираше,  е дел од презентацијата на програмата Декалог на европскиот претседател.

Османи на прес-конференција посочи дека се сретнал со младинските активисти во градот Тетово, за да разговараат за „одливот на мозоци“ односно за имигрирањето на младите меѓутоа и подготвеноста на младите за сите предизвици којшто ги носи технолошкиот развоја и вештачката интелигенција.

-Од тука дадов предлози дека како претседател на државата прво што ќе направам, е да воспоставам, претседателски регионални совети на млади со цел младите од различните региони да учествуваат директно во дизајнирањето на државните политики. Ќе бидат координирани од советник на претседателот којшто ќе се посвети на политиките на млади. Мислам дека е тоа многу важно, за да се слушне гласот на младите, посебно во овој динамичен развој на светот кога без перспективата на младите не можеме да разбереме ниту можеме да го следиме драматичниот развој на светот. Податоците покажуваат дека за еден ден, денес светот се менува колку што во минатото се менуваше за десет години во минатиот век и без перспективата на младите, во разбирањето на тој драматичен развој и во дизајнирањето на политиките на тој драматичен технолошки развој, ќе бидат половични тие политики и нема да бидат сеопфатни, рече Османи.

Кандидатот за претседател предлага да има фиксни квоти во пратеничките листи за младите до 27 години. Според него, тоа е потреба за да се подигне свеста на јавноста, на политиката, на општеството и на државата дека без младинска перспектива нема да има целосна перспектива за светот и политиките

– Како претседател ќе предложам да секој трет на листата за пратеници да биде од 18 до 27 години. Во секоја комисија којашто ќе ја формира локалната власт, којашто ќе ја формираат институциите, министерствата владата, парламентот, задолжително да има и млади до 28 години, за да уште од ембрионот на дизајнирањето на политиките ја имаме младинската перспектива. Да, како претседател би го имал правото на суспензивно вето за одредени закони, но обично тогаш е предоцна за да влијаете на политиките. Овие канцеларии на претседателот низ регионот ќе ја вклучат младинската перспектива, уште на почетокот на дефинирање на политиките, а преку оваа обврска, институциите во секоја комисија да имаат претставник на младите, ќе имаме можност за такво дизајнирање, истакна Бујар Османи.

Кандидатот за претседател рече дека постои можноста преку оваа функција да помогне преку стартапи, меѓународна помош за помагање на младиот активизам и учеството на младите креирање на политиките во државата.

Read Previous

ЕК: Механизмот за реформи и раст за Западниот Балкан ќе го забрза напредокот на земјите од регионот кон ЕУ

Read Next

Амбасадата на Туркије во Скопје приреди ифтарска вечера