ноември 21, 2024

Ердоган: Турската демократија ја покажа својата зрелост

За жал, не можевме да го постигнеме успехот што го имавме на претседателските и општите избори лани, овој 31 март не е крај, туку пресвртница, нацијата им ги пренесе пораките на политичарите, победникот на изборите е демократијата, рече Ердоган.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и лидер на Партија на правдата и развојот (АК Партија) изјави вечерва дека локалните избори на кои неговата партија загуби, меѓу друго и во Анкара и Истанбул, „не се крај, туку пресвртница“.

Ердоган ѝ се обрати на нацијата од балконот на седиштето на партијата во Анкара.

„Локалните избори на 31 март завршија на начин достоен за нашата демократија, немаше инциденти кои би фрлиле сенка на изборната атмосфера“, рече Ердоган.

Тој додаде дека волјата на нацијата се манифестира на гласачките ливчиња, а нацијата ја пренела својата порака до политичарите.

„Овој 31 март не е крај, туку пресвртница. Нашата нација им ги пренесе пораките на политичарите. Победникот на овие избори е нашата демократија и национална волја“, рече Ердоган.

„За жал, не можевме да го постигнеме успехот што го имавме на претседателските и општите избори минатата година. Се надевам дека овие резултати ќе бидат од корист за сите наши граѓани и региони“, изјави Ердоган пред насобраните призврзаници.

Тој рече дека ќе ја одмерат пораката дадена од народот на локалните избори и ќе ги преземат неопходните чекори.

„Резултатите од локалните избори ќе ги оценуваме со отворено срце во нашата партија и ќе се занимаваме со самокритика“.

„Изборниот циклус кој ја исцрпи економијата сега заврши, ќе работиме неуморно на подобрување на благосостојбата на 85 милиони луѓе“, рече Ердоган.

Read Previous

Милановиќ: Ако Уставниот суд ги поништи изборите, тоа ќе биде државен удар

Read Next

Израел: Повеќе од 100 илјади луѓе протестираат против владата на Нетанјаху