ноември 23, 2024

Четири години во НАТО – Македонија фактор на стабилност на Западен Балкан

Четири години по зачленувањето во НАТО-алијансата, Македонија сега е фактор на стабилност во регионот и, во време на голем број светски кризи и жаришта на повеќе полиња, нема дилема дека тешките одлуки и жртвите што ја внесоа земјава во Алијансата вредеа, порачаа владините претставници на свечената седница. Техничкиот премиер, Талат Џафери, рече дека влезот во НАТО бил обезбеден со реформи и со Преспанскиот договор, односно со мудри и храбри државнички одлуки на тогашната Влада. Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, истакна дека и европската интеграција е безбедносно прашање, така што ќе мора и Европската Унија да продолжи со политиката на отворени врати. Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, рече дека не може да стане збор за нарушување на нашата безбедност од чија било страна, бидејќи, во тој случај, зад себе денес веќе имаме сојуз од 32 држави.

Четири години по зачленувањето во НАТО-алијансата, Македонија сега е фактор на стабилност во регионот и, во време на голем број светски кризи и жаришта на повеќе полиња, нема дилема дека тешките одлуки и жртвите што ја внесоа земјава во Алијансата вредеа, порачаа владините претставници на свечената седница со која претседаваше техничкиот премиер, Талат Џафери. Џафери рече дека земјава помина многу премрежиња, активно придонесува во мировните мисии заедно со армијата на другите земји во Алијансата, за денес да биде почитувана и вреднувана членка „која има свое место на масата за одлучување и е фактор на стабилност на Западен Балкан“. Тој истакна дека македонската Армија се трансформираше на ниво на сојузниците „и се носи рамо до рамо со високи пофалби“.

– Влезот во НАТО беше обезбеден со реформи и со Преспанскиот договор, односно со мудри и храбри државнички одлуки на тогашната Влада. Членството во Алијансата ги обедини, натпартиски и надетнички, и граѓаните, покрај политичките субјекти. Верувам дека сите граѓани се горди на глетката како се развиорува знамето на Северна Македонија пред седиштето на НАТО во Брисел. Тоа е слика на историјата и иднината во едно место. Горд сум што успеавме да испишеме таква историја. Денес, Северна Македонија е вреднувана членка на Алијансата, не само што живееме во стабилност и извесност туку ние сме фактор на стабилност на Западен Балкан. Гледајќи ги актуелните кризи во светот и сите разгорени жаришта, се докажува исправноста на сите тешки одлуки што нè доведоа до денешното членство во НАТО. Ги гледаме и слушаме ужасите низ светот, но без страв за нас, оти знаеме дека НАТО е најсилната безбедносна гаранција. Тоа е доказ дека секоја направена жртва вредеше – истакна Џафери.

Техничкиот премиер додаде дека НАТО-сојузот е уште пообединет и со јасна визија за сојузништво со приклучувањето на Финска и на Шведска во изминатите две години, но и дека членството не ни носи само привилегии туку и обврски за јакнење.

ЕУ мора да ја следи политиката на отворени врати на НАТО

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека овие четири години значат безбедност, зашто членството придонело за зачувување на стабилноста на државата и дека тоа дошло во вистинскиот момент, пред почетокот на агресијата на Русија над Украина.

– Може да замислиме каква ќе беше ситуацијата во регионот ако ние не бевме членка на НАТО, во тие услови на империјални руски амбиции. Украина е само станица на тие амбиции на Русија и една од тие станици би бил Западен Балкан – рече Османи.

Шефот на македонската дипломатија истакна и дека политиката на отворени врати е една од најуспешните политики на Алијансата и рече дека и европската интеграција е безбедносно прашање, така што ќе мора и Европската Унија да продолжи со политиката на отворени врати. Османи се осврна на придонесот на земјава во обезбедувањето стабилност и помош за Украина, како и учеството во други мисии на македонската Армија.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на свечената седница на Владата истакна дека храбрите државнички одлуки овозможиле на 27 март 2020 г. да постигнеме една од двете стратешки цели од нашето осамостојување до денес и тие одлуки се инвестиција во иднината на граѓаните и државата. Првата клучна придобивка, рече Петровска, е тоа што со членството во Алијансата никогаш повеќе не може да стане збор дали нашите суверенитет, интегритет и безбедноста на граѓаните може да бидат загрозени.

– За една држава што има нешто повеќе од три децении независност и се наоѓа на Балканот, членството во НАТО значи огромна потврда на нејзината позиција на меѓународен план и голем успех. Безбедноста е на прво место, но безбедноста и стабилноста гарантираат и инвестиции и подобра економска состојба во државата. Затоа, членството во Алијансата беше стратешка цел на државата од првиот момент на нејзиното осамостојување и треба да бидеме горди што денес е реалност. Ние веќе четири години не сме тема на масата како балканска земја на која треба да ѝ се помогне, туку сме еднакви со сите земји членки и заедно одлучуваме. Северна Македонија од земја на која меѓународната заедница ѝ помагаше да го задржи мирот, сега е земја која активно придонесува за регионалната безбедност. И не може да стане збор за нарушување на нашата безбедност од чија било страна, бидејќи, во тој случај, зад себе денес веќе имаме сојуз од 32 држави – истакна министерката за одбрана.

Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, истакна дека четири години откако сме членка на НАТО, најдобро во пракса се демантира и скептицизмот од пред пет години.

– Тешките одлуки се навистина вредни за граѓаните и за државата. Тешките одлуки што треба да ги донесеме поврзани со членството во ЕУ – да, нас, политичарите, сигурно ќе нè чинат, меѓутоа, бидете сигурни, кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ, дека граѓаните ќе ни бидат благодарни и за тоа што ќе го направиме и за тоа што сме го направиле – истакна Маричиќ.

Долг пат 

Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата на 27 март 2020 г., откако го реши тридеценискиот спор со јужниот сосед Грција и го промени уставното име во Република Северна Македонија. Зачленувањето се случи по 27 години откако Собранието во 1993 г. едногласно усвои резолуција во која се дефинирани надворешнополитичките приоритети на земјата – членството во НАТО и во Европската Унија. На 15 ноември 1995 година, државава го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларијата за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година, на самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија се стекна со статус на земја кандидат за членство во Алијансата, по што се започна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.

На самитот на НАТО во Букурешт, во 2008 година, се очекуваше дека Македонија ќе добие покана за членство, заедно со Хрватска и со Албанија, но тогаш извиси поради ветото од Грција. Во финалната декларација од тој самит, Алијансата донесе одлука дека земјава треба да добие покана за членство откако ќе го реши спорот за името со Грција.

Read Previous

Бројот на загинати во израелските напади во Газа надмина 32.400

Read Next

Суд во Лондон денеска ќе донесе одлука за екстрадиција на Асанж