Вицепремиерот на Косово Бесник Бислими на средба со специјалниот претставник на ЕУ во преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, на 6 септември 2023 година.
Косово и Србија ќе ги достават своите предлози за динарот до 22 март, со цел повторно да се сретнат следната недела за да разговараат за можните опции, изјави главниот косовски преговарач Бесник Бислими по состанокот на 19 март во Брисел.
Бислими и главниот српски преговарач во дијалогот Петар Петковиќ разговараа со посредство на специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог, Мирослав Лајчак, откако претходно имаа одвоени средби со европскиот дипломат.
И Петковиќ потврди дека ќе се одржи нова средба на ниво на преговарачи на која ќе се разговара за динарот.
Тој рече и дека одлуката на Централната банка на Косово е тешка.
Според него, важно е Србите во Косово да можат да ги добиваат парите во Косово, а не да ја преминуваат границата за да подигнат пари.
Петковиќ вели дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово е клучно, бидејќи со тоа целосно се решава прашањето за финансирање на сите српски институции, но и на луѓето кои живеат во Косово.
Тој наведе дека неговиот соговорник од Приштина цело време инсистирал на официјализирање на Охридскиот договор, а делегацијата од Белград зборувала дека формирањето на Заедницата мора да се случи бидејќи го потпишале и Белград и Приштина, како и ЕУ, која е гарант за формирање на ова тело.
ЕУ го свика овој состанок за да разговара за динарот, со оглед на декретот на Централната банка на Косово (ЦБК) со кој на 1 февруари беше воведено еврото како единствена валута за готовински плаќања, со што српската валута излезе од употреба.